Утре ќе се реализира првиот авионски лет помеѓу Софија и Скопје


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На Меѓународниот аеродром Скопје утре во 09.40 ќе слета авионот од Софија на авиокомпанијата „Gullivair“, со што ќе се реализира првиот лет на таа релација.

Со авионот во Скопје ќе пристигнат македонска и бугарска делегација предводени од министерот за транспорт Благој Бочварски и неговиот бугарски колега, како и туроператори од двете држави. Активностите ќе продолжат со состанок во Клубот на пратениците на кој треба да се разгледаат можностите и да се дефинирани деталите околу идното сообраќање на авиолинијата, која, според најавите, треба да биде редовна од следниот месец. Воедно треба да се утврдат и туристички пакети коишто ќе помогнат да се зголеми бројот на меѓусебните посети на туристи од двете држави.

Пред утрешниот лет денеска во Софија заседава меѓуресорската работна група за соработка во областа на инфраструктурата, транспортот и поврзувањето. Покрај Бочварски и Шабев учествуваат и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, како и бугарските вицепремиер и министер за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, и за енергетика Александар Николов. На состанокот се разгледуваат прашања од заеднички интерес во делот на патниот сообраќај, транспортната поврзаност и дигитализацијата.

Авионското поврзување меѓу двата главни града на Северна Македонија и Бугарија е првиот конкретен чекор на соработката што ја најавија по првата средба премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков што се одржа на 18 јануари годинава во Скопје. Една недела подоцна, на 25 јануари, двете влади во Софија одржаа заедничка седница и потпишаа два документа за зајакнување на инфраструктурното поврзување на двете земји, за директна авиолинија Скопје – Софија и за железничкиот Коридор 8.