Уставниот суд го укина правото на апанажа за функционерите кои предвреме ќе си дадат оставка или ќе бидат разрешени


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Политичките функционери кои отсега натаму ќе бидат разрешени или ќе поднесат оставка од функцијата пред да им истече мандатот, повеќе ќе немаат право на паричен надомест, односно апанажа во период од три до 12 месеци. Ова доаѓа по одлуката на Уставниот да се укине членот 22 од Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани функционери.

Одредбата што ја укина Уставен суд, сепак, нема да важи за неодамна разрешените министри и заменици министри и за тие што сами поднесоа оставки при реконструкцијата на Владата која е во тек, бидејќи „одлуката на Судот е укинувачка, а не поништувачка“.

Тоа значи дека доскорешните министри што поднесоа оставки, Никола Тупанчевски од ресорот правда и Насер Нуредини од животна средина, како и заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, имаат право да побараат апанажа. Надоместок им следува и на разрешените министри од Алтернатива – Беким Сали, Адмирим Алити и Џемаил Чупи. Последен воз за апанажа веројатно ќе фатат и замениците министри – Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу, кои разрешувањето го чекаа вчера попладне, пред одлуката на Уставен суд да биде објавена во „Службен весник“.

Од поранешните функционери што ги контактираше „Слободен печат“, Алити ни изјави дека нема да бара апанажа, бидејќи веќе се вратил на старото работно место што му било во мирување – професор на Универзитетот „Мајка Тереза“, Беким Сали не одговори дали ќе бара апанажа, додека неговиот сопартиец, до скоро одговорен за дијаспората, Џемаил Чупи, ни изјави дека е можно да побара апанажа, бидејќи претходно работел како универзитетски професор на приватен универзитет во Косово. Побаравме, но не добивме одговор од поранешниот министер за правда Тупанчевски, инаку професор на Правниот факултет, ниту од Насер Нуредини кој за министерската функција допатува од Швајцарија, каде што претходно работел.

По укинувањето на членот 22 од Законот за плати и надоместоци на избрани и именувани функционери, кој го оспори адвокатот од Струга Глигорие Ќатовски, таа одредба повеќе нема да биде во правниот поредок, велат од Уставен суд. Оттаму велат дека таа одредба од Законот не е во согласност со владеењето на правото и дека тој член нема уставна оправданост.

Членот 22, кој е укинат, предвидуваше функционерите, пратениците и раководните лица што дале оставка или биле предвреме разрешени од функцијата, да ги имаат истите права како и сите други функционери, во тие рамки и правото на апанажа.

„Член 22 повеќе нема да биде во правниот поредок, бидејќи одлуката која денеска ја донесе Уставен суд е конечна. Уставниот суд смета дека оваа одредба не е во согласност со владеењето на правото, којашто е една од темелните вредности на уставниот поредок и дека, според Судот, овој член нема уставна оправданост. Судот го зема предвид фактот дека до оставка или разрешувањето доаѓа поради некаков вид одговорност, поврзана со вршењето на доверената функција. Оставката или разрешувањето и добивањето на паричниот надомест се неспоиви и затоа е укината оваа одредба“, објави Уставниот суд.

Оттаму појаснуваат дека одлуката за членот 22 од Законот е укинувачка а не поништувачка што значи дека во иднина повеќе нема да важи, односно дека одлуката не важи ретроактивно.

Оспорени беа седум члена од Законот, од 19 до 25, но Судот го оцени само членот 22 како спротивен на Уставот.

Законот за плата и другите надоместоци на пратеници во Собранието и другите избрани и именувани лица предвидува пратеник и други функционери да може да остваруваат плата и по престанувањето на мандатот за време до една година, и тоа: три месеци ако мандатот на функционерот траел до шест месеци, шест месеци доколку мандатот траел од шест месеци и еден ден до 12 месеци, девет месеци ако мандатот траел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци, и 12 месеци ако мандатот на функционерот траел 24 месеци и еден ден и повеќе. Надоместокот е во висина на платата што ја примал функционерот.