Уапсен синот на Ел Чапо – во градот на картелите беснее пеколна војна


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Синот на озлогласениот мексикански наркобос Ел Чапо, Овидиo Гузман Лопез, беше уапсен во Кулијакан, објавија мексиканските власти. Во исто време, земјата ја зафати досега невиден бран на насилство.

Мексиканските власти го уапсија синот на наркобосот Ел Чапо во операција рано утрото во Кулиакан, северозападен град, кој долго време беше матична база на картелот Синалоа, изјавија тројца мексикански владини претставници. Официјалните лица, кои не биле овластени јавно да зборуваат за рацијата, рекоа дека безбедносните сили го уапсиле Овидиo Гузман Лопез, син на Хоакин Гузман Лоера, озлогласениот господар на криминалот познат како Ел Чапо.

Гузман Лопез е префрлен во воена база во Мексико Сити, соопштија двајца официјални лица. По апсењето на синот на Ел Чапо, кој и самиот е истакнат водач на картел, мексиканската влада се подготвува да прогласи победа во борбата против насилството. Во последните месеци во таа земја изби епидемија на насилство, која се смета за најсмртоносна во поновата историја.

Хаос на улиците на Кулијакан

Вооружените банди на рацијата наредена од владата одговорија со палење возила и блокирање на главните патишта што водат надвор од градот. Видеата на социјалните мрежи покажуваат запалени автобуси и камиони. На Твитер се појавија голем број видеа на кои се гледа пукањето и полициската рација.

Пукањето се случило и во близина на аеродромот, кој на Твитер потврди дека е затворен од безбедносни причини. Една авиокомпанија соопшти дека еден од нејзините авиони бил погоден од огнено оружје додека во него имало патници. Евидентирани се и крадења автомобили.

„Кулиакан е пустина“, рече официјалниот претставник. „Црвениот крст е распореден низ градот, како и пожарникарите.“

Градоначалникот Хуан де Диос Гамез на Твитер потврди дека федералните вооружени сили денеска спроведуваат операција во Кулиакан.

Семејството Гузман има долга историја на бегање од мексиканските власти. Ел Чапо двапати избега од затвор. Федералните обвинители во САД велат дека неговите синови помогнале да се организира неговото злогласно бегство од затворот со максимална безбедност во 2015 година преку тунел долг речиси два километри од тушот во неговата ќелија.

Американскиот адвокат на Гузман Лопез, Џефри Лихтман, кој го застапуваше и неговиот татко, одби да коментира за апсењето. Официјални лица на американското Министерство за правда, кое покрена обвинение против Гузман Лопез и еден од неговите браќа во 2019 година, одбија да коментираат дали обвинителите побарале екстрадиција.

Во октомври 2019 година, безбедносните сили извршија рација во Кулиакан, го приведоа синот на Ел Чапо, Гузман Лопез, а потоа го ослободија откако вооружени напаѓачи од картелот отворија оган со автоматски пушки низ градот, палеа автомобили и ги фаќаа безбедносните сили како заложници.