Уапсен најбараниот италијански мафијашки шеф кој беше обвинет за убиството на познатите судии Фалконе и Борселино


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Италијанските карабинери го уапсија Матео Месина Денаро, најбараниот мафијашки шеф во земјата, кој цели три децении беше во бегство, пренесуваат италијанските агенции.

Денаро бил уапсен во клиника во сицилијанската престолнина Палермо. За него се тврди дека е шеф на Коза Ностра.

Тој е осуден во отсуство на доживотна затворска казна за неговата улога во убиството на славните борци против сицилијанската мафија, обвинителите Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година.

Денаро, исто така, се соочува со уште една доживотна казна затвор за вмешаност во бомбашките напади во Фиренца, Рим и Милано во кои загинаа 10 луѓе, што се случија една година подоцна.

„Денес, 16 јануари, карабинерите го уапсија бегалецот Матео Месина Денаро во санитарна установа во Палермо, каде што отишол на терапевтски третман“, изјави Пасквале Анџелосанто, генералот на националната полиција на карабинерите, цитиран од новинската агенција АГИ њуз.

Денаро, познат по прекарот „Дијаболик“ своевремено се сметаше за кандидат за шеф на шефовите на сицилијанската мафија, по смртта на Бернардо Провенцано во 2016 година и Салваторе „Тото“ Рина, во 2017 година.

„Пополнив гробишта, сам“, неславно тврдеше еднаш шеесетгодишниот Денаро.

Тој за време на тридецениското бегство од органите на прогонот некое време навидум го задржал својот луксузен начин на живот, благодарение на неколку банкари, пишува Гардијан.

Денаро беше осуден во 2002 година на доживотен затвор затоа што лично убил или наредил убиство на десетици луѓе.