Уапсен генерал Суровкин – заменик-командант на руската армија во Украина


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Сергеј Суровкин, генерал и заменик-командантот на Генералштабот на руската војска во Украина, бил уапсен, пренесува Москва Тајмс.

Оваа информација за Москва тајмс ја дале два извори блиски до Министерството за одбрана. Официјално, Министерството не ги коментира овие информации.

„Таму, приказната со него не беше ‘во ред’. За власта. Не можам да кажам ништо повеќе“, коментираше еден од изворите за причината за апсењето.

„Во контекст на Пригожин. Очигледно тој (Суровикин) ја избрал страната (на Пригожин за време на бунтот) и тие го приклештија“, рече вториот извор. На прашањето каде е сега генералот, тој одговори: „Овие информации ние не ги коментираме дури ни преку внатрешните канали“.

Гласините за апсењето на Суровикин претходно ги објави воениот блогер Владимир Романов. Според него, генералот бил уапсен на 25 јуни, ден по бунтот на Вагнер, предводен од Јевгениј Пригожин. Според него, Суровикин се наоѓа во истражниот затвор Лефортово.

Суровикин однапред знаел за плановите на Јевгениј Пригожин да почне оружен бунт против руското воено раководство, објави претходно Њујорк тајмс, повикувајќи се на американски претставници запознаени со разузнавачките информации.

Тие велат дека сега се обидуваат да откријат дали Суровикин помогнал во планирањето на бунтот, кој се претвори во марш кон Москва и стана најсериозна закана за режимот на претседателот Владимир Путин во неговите 23 години на власт.

Според изворите на Москва тајмс, не е сосема јасно дали Суровикин го поддржувал бунтот на Пригожин. „Тој не се однесуваше особено покорно кога му дадоа задача да чита текст пред камера и да почне да се решава проблемот, туку беше малку дрзок кон раководството. Поради тоа, од неговите зборови може да се добие впечаток дека Суровикин е дел од ‘коалицијата на Пригожин’“.

Рускиот генерал што претходно ја предводеше инвазијата во Украина не е виден во јавноста од саботата, објави денеска Гардијан.

Генералот Сергеј Суровикин е шеф на руските воздушни сили и поранешен врховен командант на Москва во Украина. Пригожин го поздрави неговото назначување на таа функција во 2022 година, нарекувајќи го „легендарна фигура“ и „роден да ѝ служи на својата татковина“.

Добро познатите врски меѓу Суровикин и Пригожин ги поттикнаа гласините дека Суровикин може да биде избркан или ставен под истрага поради поддршка на бунтот, вели Гардијан. Кога Пригожин го покрена својот бунт, Суровикин доцна во петокот даде јасна изјава против него и во поддршка на руската влада.