Тажен и многу емотивен ден: Новак Ѓоковиќ за крајот на кариерата
Новак Ѓоковиќ, најголемиот тенисер на сите времиња, отворено проговори за нешто што на неговите фанови им делува речиси незамисливо – крајот на неговата професионална кариера.
Гостувајќи во подкастот на мотивацискиот говорник Џеј Шети, тој откри дека подолго време размислува за повлекување од тенисот и затворање на едно значајно поглавје од својот живот.
Иако сè уште се наоѓа на врвот на светскиот тенис, Ѓоковиќ признава дека годините го прават своето и дека се приближува моментот кога рекетот ќе го остави на страна. Тој нагласи колку е важно ментално да се подготви за животот по спортот:
„Мислам дека човек не може целосно да се подготви за тоа. Да, ќе биде тажен ден за мене кога ќе се збогувам со тенисот, ќе биде многу емотивно, знам тоа, но зборувам за адреналинот што спортот го носи – тој мора да се пренасочи, да се канализира на поинаков начин.“
Тенисот, како што истакна, е огромен дел од неговиот идентитет, но верува и дека има живот надвор од терените. Во последните 12–15 години, посветено размислувал и делувал надвор од спортот, истражувајќи ги своите други интереси.
„Го сакам спортот и ќе го играм цел живот. Многу е важно човек да биде активен. Но, од друга страна, потребен е предизвик. Тенисот е голем дел од мојот живот, но имам и широк спектар на интереси – велнесот ми е пасија, здравиот живот, а тоа е многу обемна тема.“
Ѓоковиќ ја посочи важноста на здравиот начин на живеење, зборувајќи за хидратација, правилна исхрана, сон и физичка активност.
„Малите чекори во тој правец се значајни и носат резултат. Дури и некои спортисти не ја сфаќаат важноста на хидратацијата. Тоа не е само вода, тука се минералите, различните суплементи и така натаму. Најдобро е сѐ да се внесе преку храната, но не е сè можно.“
Самата помисла на крајот на неговата кариера за многумина звучи како фикција, но Новак покажува дека е подготвен да го прифати новото поглавје кое ќе му овозможи и понатаму да инспирира луѓе – но на поинаков начин.
Крајот на тениската кариера ќе биде длабоко емотивен момент за него, но и можност да продолжи да придонесува за општеството на нови и значајни начини.