Столтенберг најави влез на Финска во НАТО: „Тоа ќе се случи следниве денови“


Спасе Манев (Патувања низ Македонија): Ги откриваме скриените убавини на Македонија ↓↓↓


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска објави дека Финска ќе се приклучи на НАТО алијансата во рок од неколку дена по одлуката на Турција да ја ратификува нејзината апликација.

– Сите 30 сојузници на НАТО сега го ратификуваа Протоколот за пристапување. Финска формално ќе се приклучи на нашиот сојуз во наредните денови, рече Столтенберг.

Турскиот Парламент вчера ја одобри кандидатурата на Финска за членство во НАТО, отворајќи го патот на Хелсинки да се приклучи на западната алијанса во екот на војната во Украина.

Турскиот парламент е последниот од 30-те парламенти членки на НАТО што го одобри членството на Финска во Алијансата.

На почетокот на оваа недела, и унгарскиот Парламент го одобри влезот на Хелсинки во северноатлантската алијанса по неколкумесечни одложувања.

Финска и Шведска на 18 мај минатата година до генералниот секретар на НАТО поднесоа барања за влез во Алијансата.