Сменето обвинението за убиството на Џорџ Флојд – проширено на уште тројца полицајци


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Според најновите информации во врска со обвинението за смртта на Афроамериканецотг Џорџ Флојд, државниот обвинител на Минесота, Кит Елисон, истото го смени и освен на отпуштениот полицаец од Минеаполис Дерек Шовин за убиство од втор степен, го прошири и на останатите тројца отпуштени полицајци што учествувале во апсењето.

Тројцата полицајци што учествуваа во инцидентот, Томас Лејн, Александар Куенг и Тоу Тао, се обвинети за соучесништво во убиство од втор степен, според судските документи до кои дошол „Гласот на Америка“. Веста дека обвинението ќе биде сменето првпат ја објави весникот Стар трибјун од Минесота.

Џорџ Флојд (46) почина откако полицискиот службеник Дерек Шовин, белец, на 25 мај му клечеше на вратот скоро девет минути, што повторно ја отвори експлозивната тема на полициската бруталност против Афроамериканците, пет месеци пред претседателските избори на 3 ноември.

Шовин (44) беше отпуштен минатата недела и обвинет за убиство од трет степен и убиство без умисла.

Новото обвинение – за убиство од втор степен – може да носи казна до 40 години затвор, 15 години подолго од максималната казна за убиство од трет степен, според „Гласот на Америка“.

Во текот на изминатата недела, демонстрантите побараа и тројцата полицајци да бидат обвинети за случајот, додека го искажуваа своето незадоволство на протестите што повремено прераснуваа во демолирање и грабежи во поголемите градови.

Гувернерот на Минесота, Тим Волц, во средата првпат го посети местото во Минеаполис каде што почина Флојд.

Сега таму е подигнат импровизиран споменик, каде што граѓаните оставаат цвеќиња и пораки, а Волц од тоа место повика правдата да биде задоволена и да се реши проблемот со расизмот во земјата.

Волц испрати лично извинување до репортерот и снимателот на Си-Ен-Ен, кои беа уапсени минатата недела за време на протестот.

Тој рече дека дошол на тоа место за лично да ја почувствува болката што ја чувствува оваа заедница поради смртта на Флојд, најновата во низата случаи кога Афроамериканците се убиени од рацете на полицајците.

Гувернерот на Минесота за Си-ен-ен изјави дека протестите и разговорите за системскиот расизам во САД им даваат на лидерите последната шанса да го решат ова прашање.

„Мислам дека нема да добиеме нова можност да ја промениме и да ја подобриме оваа земја. Навистина мислам така“, рече тој.