
Тешко е да се одолее на кремасти десерти, особено кога се сервираат ладни.
Мислиме, се разбира, на летните торти и колачи, а меѓу нив вистинска кралица е сладоледната торта. Иако вакви задоволства можат да се приготват на безброј начини, оваа што ќе ви ја претставиме денес е навистина нешто посебно. Нашата сладоледна торта во три нијанси се подготвува мошне едноставно, а бидејќи не бара печење на кори, ќе биде подготвена побрзо одошто мислите. Тајната е во тоа да го извадите сладоледот од замрзнувач околу пет минути пред да почнете со подготовка, за да ја добие совршената текстура.
Потребно – за торта за 10 лица:
- 950 грама сладолед или сорбе од малина (сорбе е замрзнат десерт од вода и шеќер со овошна арома)
- 950 грама сладолед од ванила
- 950 грама сладолед од боровинка
- 2 шолји слатка павлака матена во крем
Подготовка:
Користете округла модла за торта и ставете ја на плех за печење. Почнувајќи со црвениот слој, поточно со сладоледот или сорбето од малина, оставете го малку да омекне на собна температура – околу пет минути – па префрлете го на дното на калапот. Со шпатула или лажица израмнете го слојот рамномерно.
Истата постапка повторете ја со белиот слој – сладоледот од ванила, а потоа и со синиот слој – боровинковиот сладолед. Доколку е тешко да се нанесе нов слој преку претходниот, ставете ја тортата во замрзнувач на десет минути по секој нанесен слој.
Овој распоред на слоеви повторете го уште еднаш. Откако ќе ја оформите целата торта, оставете ја во замрзнувач најмалку 2 часа или, идеално, преку ноќ.
Следниот ден, внимателно отстранете го обрачот од калапот и декорирајте ја тортата со претходно подготвениот крем од слатка павлака. Пред да ја сечете, натопете ножот во топла вода. Послужете веднаш.