Скопска Апелација му го укина куќниот притвор на Миле Јанакиески

Апелацискиот суд во Скопје денеска го укинал куќниор притвор за Миле Јанакиески, обвинет во неколку предмети на поранешното Специјално јавно обвинителство. Информацијата ја соопшти Кривичниот суд.

„Апелациониот суд Скопје до Основниот кривичен суд Скопје на 18.11.2021 година достави решение … со кое второстепениот суд, постапувајќи по жалбата изјавена од одбраната на М.Ј., обвинет во предметите … „Т.Н.Т.“, „Титаник“, „Талир“, „Топлик“, „Траекторија“ и „Шпански скали“, ја уважи жалбата за укинување на мерката куќен притвор. Според решението на Апелациониот суд, на обвинетиот му се определуваат мерки за претпазливост, односно: забрана за напуштање на територијата на РСМ и Град Скопје, обврска обвинетиот да се јавува во судот и забрана за издавање на друга патна исправа“, пишува во соопштението од Кривичен.

Ова значи дека Јанакиески од денеска ќе се брани од слобода во судските процеси во кои е обвинет. Првпат му беше одреден притвор на 14 ноември 2018 година.

Миле Јанакиески е првостепено осуден во предметите „27 април“ (на 6 години и 3 месеци затвор) и „Насилство во Центар“ (условна казна).