Home Живот и здравје Симптоми кај кучето што никогаш не смеат да се игнорираат

Симптоми кај кучето што никогаш не смеат да се игнорираат

Како да ги препознаете симптомите кои укажуваат на проблем кај кучињата и што да направите потоа

Кучето е најдобриот пријател на човекот и често знаеме да забележиме кога нешто не е во ред со него. Сепак, понекогаш знаеме да игнорираме одредени симптоми мислејќи дека сè е во ред. Погледнете како да ги препознаете навреме знаците дека нешто не е во ред и како можете да му помогнете на вашиот миленик.

1. Губење апетит и тежина

Недостигот на апетит е често првиот знак дека животното е болно. Постојат многу причини поради кои вашето куче може да одбие храна, меѓутоа нејадењето, дури и во рок од 24 часа, може негативно да влијае врз здравјето. Кај мали кученца ова е уште посериозно.

Губењето на тежината е резултат на негативен калориски биланс и може да биде предизвикано од анорексија (немање апетит) или од тоа што организмот побрзо ги искористува или исфрла хранливите материи отколку што ги прима. Доколку кучето загуби околу 10% од својата нормална тежина, веднаш посетете ветеринар.

2. Летаргија, екстремен замор

Летаргично куче изгледа мрзеливо, поспано и незаинтересирано. Слабо реагира на звуци, движења и други надворешни поттикнувачи.

Летаргијата е неспецифичен симптом кој може да укаже на повеќе потенцијални нарушувања, некои од нив и животозагрозувачки. Доколку заморот трае повеќе од 24 часа, без одложување однесете го кај ветеринар.

3. Кашлица

Кашлицата кај кучињата, освен ако не се работи за повремен и краткотраен случај, најчесто укажува на здравствен проблем. Примери вклучуваат блокада на душникот, вирусна кашлица (кенел кашлица), бронхитис, воспаление на бели дробови, срцев црв, срцеви заболувања или тумор во белите дробови.

Секоја причина која стои зад кашлицата треба да се истражи и соодветно да се третира.

4. Зголемена телесна температура

Кога вашето куче има покачена температура, како и кај луѓето, тоа значи дека неговиот организам се бори со некаква инфекција. Нормалната телесна температура кај кучињата е помеѓу 38 и 39 степени. Ако ви изгледа дека миленикот ви е потопол од вообичаено, веднаш консултирајте се со ветеринар.

5. Потешкотии при дишење

Куче кое има проблем со дишењето ќе покажува забрзано, плитко или отежнато вдишување и издишување.

Овие симптоми обично одат во комбинација со нагомилување течност во белите дробови или во градната празнина, што води до отежнато дишење и кашлица.

6. Потешкотии при мокрење

Ова вклучува болка при мокрење, напнување и чести обиди без многу успех. Доколку вашето куче се жали додека се обидува да се олесни или постојано го лиже гениталниот предел, веднаш однесете го на преглед.

7. Крвава столица, урина или повраќање

Варената крв во изметот изгледа како црни, лепливи дамки со изглед на катран. Свежата крв укажува на крварење во дебелото црево или ректумот — и двете состојби се многу сериозни и опасни. Посетата на ветеринар е неопходна.

Присуството на крв во урината се нарекува хематурија и може да биде видлива или откриена само под микроскоп. Постојат повеќе состојби кои можат да го предизвикаат тоа, како инфекција, блокада на уринарниот тракт или најлошо — рак.

Кога вашето куче повраќа крв, таа може да биде светлоцрвена (свежа) или темна со изглед на талог од кафе (делумно варена крв). Причините се различни — од помалку сериозни, до животозагрозувачки.

Во секој случај, ако забележите било каква промена во однесувањето или изметот и урината на вашето милениче, без одлагање обратете се кај вашиот ветеринар кој ќе знае што точно да направи.

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Живот и здравје
Comments are closed.

Check Also

Скијањето – дали навистина му користи на умот и телото?

1. Забава Скијањето е вистинска забава. Слободното време можете да го поминете на свеж пла…