
Нетолеранцијата на глутен е последица на неспособноста на телото да го поднесе протеинот глутен, кој се наоѓа во пченицата, ‘ржта и јачменот. 99% од луѓето кои не го поднесуваат глутенот или имаат целијакија најверојатно не се свесни за тоа и никогаш нема да дознаат.
Иако нетолеранцијата на глутен често се меша со целијакијата, овие две состојби се различни. Целијакијата е сериозна автоимуна болест која може да го оштети дигестивниот систем. За разлика од целијакијата, не е целосно јасно зошто се јавуваат симптомите на нетолеранција на глутен, но изгледа дека не го вклучува имуниот систем и не го оштетува гастроинтестиналниот тракт. Многумина исто така погрешно ја мешаат нетолеранцијата на глутен со алергијата на пченични производи.
ШТО СЕ СЛУЧУВА СО ТЕЛОТО КОГА ЌЕ СЕ ОТКАЖЕТЕ ОД ГЛУТЕНОТ
Како и при секоја поголема промена во исхраната, исклучувањето на глутенот може да предизвика несакани ефекти. Всушност, ако не страдате од целијакија или нетолеранција на глутен, нема причина да избегнувате производи кои содржат глутен.
Иако оваа диета може да донесе одредени придобивки, како што е губење на тежината, таа треба да се следи само од лица кои имаат нетолеранција, бидејќи во спротивно може да се изгубат важни витамини и минерали кои се содржани во глутенските производи. Наместо целосно да ја елиминирате храната со глутен, обидете се да избегнувате преработена храна и јадете повеќе овошје, зеленчук и интегрални житарки.
Во продолжение дознајте што може да очекувате ако го исфрлите глутенот од исхраната.
ЌЕ БИДЕТЕ ПОГЛАДНИ
Многу луѓе со нетолеранција на глутен чувствуваат гадење по консумирање на производи од брашно, а апетитот им се намалува до крајот на денот. Меѓутоа, кога ќе започнете диета без глутен, дури и ако немате нетолеранција, може да забележите дека сте погладни – како резултат на враќање на апетитот, но и поради промените во исхраната.
СИНДРОМ НА ПОВЛЕКУВАЊЕ
Овој ефект се случува секогаш кога нешто нагло го исфрлате од исхраната – гадење, грчеви, главоболки и општ замор. Лекарите препорачуваат да пиете многу вода и да избегнувате физички напор за време на периодот на детоксикација.
АКО ГО ИСКЛУЧИТЕ ГЛУТЕНОТ, МОЖЕТЕ ДА СЕ ЧУВСТВУВАТЕ ИСЦРПЕНО
Многу намирници кои ги исфрлате од исхраната без медицинска причина содржат витамини неопходни за организмот. Знаци дека ви недостигаат витамини се умор, слабост, опаѓање на косата, промени во расположението, менструални проблеми.
ПРОБЛЕМИ СО ЗАТВОР
Многу интегрални намирници кои се исклучени од менито при исхрана без глутен (како што се лебот и тестенините) се добар извор на влакна. Ако ги исфрлите без да внесувате замена за влакната, дигестивниот систем може да стане нередовен. Со зголемување на внесот на лиснат зеленчук и мешунки, можете да го избегнете овој проблем.
ЈО-ЈО ЕФЕКТ
Со исфрлање на разни намирници од секојдневната исхрана, ќе барате алтернативи. Тие може да бидат поздрави, како овошје и зеленчук кои ќе ви помогнат да изгубите неколку килограми, но можат и да бидат помалку здрави, како вкусни чоколади и преработени безглутенски слатки.