Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На половината од битолските училишта им е исклучена струјата поради неплаќање на неколку дена пред почетокот на новата школска година, пишува порталот на Радио Слободна Европа.
Пред почетокот на учебната година, битолските училишта должат над 6,5 милиони денари за неплатена струја, а од 18 училишта, на половината кои имаат блокирана сметка, електричната енергија им е исклучена од крајот на јули. Десет училишта се со блокирани сметки повеќе од шест години, а струја во школите престанала да се плаќа во април 2017, уште пред промената на локалната власт. Поради наталожените долгови со години, сметките на училиштата се блокирани од извршни решенија по основ на разни долгови, а еден извршител наплатил 100 илјади евра за вкупните извршувања од едно од училиштата, други извршители за други извршувања наплатиле 200 илјади евра.
Иако долговите на училиштата се провлекуваат со години и во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, тие побараа оставка од градоначалничката Наташа Петровска.
„Неработењето на Наташа Петровска почна силно да се рефлектира врз нас младите. На прагот е почеток на учебната година, а девет училишта немаат струја. Воедно, задолжителниот бесплатен превоз за учениците не е регулиран. Најмногу што можете да направите за нас младите е што поскоро да ја прекинете оваа фарса и да си поднесете оставка, ако сѐ уште во вас и вашите соработници постои грижа на совест“, изјави Марко Јошевски од Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.
Тој што ги создавал проблемите нема легитимитет друг да обвинува, возвратија од локалната самоуправа предводена од СДСМ и директори на училиштата.
„Разликата е видлива зашто оваа локална власт постојано ги решава проблемите кои претходната власт во изминатите 12 години ги наталожувала. Граѓаните повеќе не можат да бидат манипулирани со фактот дека проблемите се решаваат преку ноќ. Во изминатите 12 години најмногу млади ја напуштија државата, а сега токму тоа се префрлува на друг за да се заборават постапките на возрасните“, изјави Елизабета Наумовска, директор на гимназијата „Таки Даскало“ во Битола, единствана од блокираните школи која успеа да ја плати струјата.
Од Општината велат дека интензивно работат да се најде начин за излез на училиштата од мракот пред почетокот на школската година. Парите не се проблем, бидејќи и блок-дотациите за годинава се зголемени, но се соочиле со законски ограничувања зашто не можат долговите на школите да ги исплатат преку цесии. Тоа велат дека е кривично дело, зашто одредени доверители се ставаат во повластена позиција. За состојбата се известени Владата и министерствата, па формирана е и работна група предводена од премиерот за наоѓање решение. Од Општината се надеваат дека ќе се среди до први септември за да нема одржување на настава со скратени часови.
Најдрастични примери за долгови се Медицинско училиште со 35 милиони денари, „Крсте Петков Мисирков“ со 39 милиони денари, „Елпида Караманди“ – 21 милиони, „Гоце Делчев“ – 19 милиони, „Климент Охридски“ – 20 милиони денари и други. Вкупниот долг на училиштата е 4,6 милиони евра, а како што велат од Општина, тековните трошоци не биле сервисирани редовно и се работело недомаќински, па долговите се напластиле.
Извор: Радио Слободна Европа