
Истражувањата покажуваат дека повеќе од една милијарда луѓе месечно го користат TikTok, при што секојдневно се создава бесконечен број видеа со различна содржина.
Ова би можело да ве наведе да помислите дека тоа е одлична работа, бидејќи информации од целиот свет можат да стигнат до вас. Во основа, тоа би било точно, доколку огромен дел од тие информации не беа лажни. Имено, неодамна беше откриено дека алармантно голем број дезинформации се шират преку оваа апликација – и тоа токму за теми како бременост, абортус и храна за бебиња.
NewsGuard е веб-страница посветена на следење на ширењето дезинформации на интернет, а нејзиниот најнов случај беше насочен токму кон содржините кои се објавуваат на TikTok. Откриено е дека секоја петта информација што се појавува на оваа платформа содржи невистини. Најчести биле дезинформации поврзани со тоа што некој може да направи со „домашни лекови“ во итна ситуација.
Домашно подготвена формула за бебиња
Еден од таквите „совети“ бил поврзан со подготвување домашна формула за хранење бебиња, особено во време кога светската криза, по пандемијата, доведе до недостиг од вакви производи во маркетите. Изненадувачки голем број видеа биле објавени со цел промовирање на подготвување формула за бебиња дома, што ги шокираше лекарите ширум светот, кои алармираа дека тоа претставува сериозен здравствен ризик за бебињата.
Домашен „лек“ за абортус
Слично, се појавил и видео-снимка со инструкции за изработка на домашни препарати за предизвикување абортус. По првото видео, следеле десетици други кои промовирале различни нелегални и опасни практики за предизвикување прекин на бременост. Лекарите биле запрепастени од фактот што некој во 21 век се обидува да убеди жени дека абортус може да се изведе со магдонос и црн пелин. Тие упатија јавен апел до жените да побараат медицинска помош при несакана бременост, бидејќи со користење на опасни алтернативи го загрозуваат својот живот.
Поентата е дека секој може да отвори профил на TikTok и да објави видео со каква било содржина. За платформата не е важно дали содржината е вистинита или не. Нејзините алгоритми можат да направат видеото да стане вирално со неверојатна брзина и информациите да стигнат до многумина кои нема да ги проверат и така ќе го доведат во опасност својот или животот на некој близок.