Ким Кардашијан повторно ја крева модната прашина — овој пат со ексклузивна колекција на костими за капење и аутфити за на плажа, креирана во соработка со модната куќа Роберто Кавали.
Во кампањата, покрај Ким, се појавува и нејзината мајка, неизоставната Крис Џенер, а сето тоа е овековечено од фотографката Наџи Ли Коен, позната по нејзиниот артистички, ретро-стил.
Целата приказна започнала сосема спонтано — Ким, прелистувајќи низ нејзината култна гардероба, пронашла стари панталони на Кавали со впечатливи принтови и шнирања, токму оние по кои се паметат нејзините легендарни летни стајлинзи. И токму тогаш се родила идејата: Skims, бренд познат по минималистички линии и совршени кроеви, мора летово да добие егзотичен, посмел шмек. Па така, му испратила порака на креативниот директор на Кавали, Фаусто Пулиџи: „Што мислиш за соработка?“
Одговорот бил експресен — Фаусто, воодушевен од идејата, веднаш прифатил. „Се случи природно, спонтано… Го обожувам тоа што Ким го прави со Skims, а Кавали и Skims зборуваат ист јазик — јазикот на сексапилот, луксузот и моќта“, изјави дизајнерот.
Резултатот? Ограничена колекција Skims x Roberto Cavalli — ода на смелиот, заводлив стил. Во понудата има костими за капење, проѕирни фустани за плажа, кафтански парчиња и вечерни комбинации, идеални за гламурозни излегувања на островите или топли градски ноќи.
„Ова се оние парчиња што засекогаш остануваат во сеќавање. Ги обожувам и сакав да ги преточиме во современи кроеви — костими што го обликуваат телото и ја нагласуваат фигурата“, рече Ким.
Тиркизната боја, според нејзиниот избор, стана заштитен знак на колекцијата, а животинскиот принт, според Фаусто, е класика — безвременска, сензуална и препознатлива. А тука е и мама Крис Џенер — бидејќи, како што Ким со насмевка вели, „Крис е моментот.“
Покрај бикини и едноделни костими, тука се и модели со сукњички, макси фустани и аутфити за плажа кои ѝ ласкаат на секоја генерација и секој тип на тело.
„Сакав и жените како мојата мајка да се чувствуваат прекрасно, самоуверено и секси. На крајот на денот, тоа е вистинската цел на модата — секое тело да блесне“, заклучува Ким.
Колекцијата Cavalli x Skims беше лансирана на 27 јуни и веќе се најавува како апсолутен моден хит на летото. Ако обожавате луксуз, принтови што го привлекуваат погледот и парчиња што ја величаат женската фигура — знаете каде да гледате.