
Чекори кои не смеете да ги прескокнете ако сакате совршена летна кожа
Токму како што внимателно ги следите чекорите во вашата утринска и вечерна рутина за нега на лицето, така и кожата на телото заслужува своја промислена нега – особено во пресрет на летните денови, кога сите посакуваме свиленкаво мазна, нахранета и блескава кожа, подготвена да заблеска под зраците на сонцето.
Според дерматолозите, правилната нега на телото не само што ја хидрира кожата, туку и ја зајакнува нејзината природна заштитна бариера – нешто што е особено важно, бидејќи кожата на телото, за разлика од лицето, содржи помалку лојни жлезди и е посклона кон сушење и иритации. Во продолжение ви претставуваме врвен бјути ритуал, кој целосно ќе ја трансформира вашата кожа и ќе ја направи совршена за сезоната на фустани и костими за капење.
1. Темелно чистење
Првиот и можеби најважен чекор – чистењето на кожата на телото ги отстранува нечистотиите, потта, остатоците од дезодоранс и креми, оставајќи чувство на свежина и чистота. Доколку имате чувствителна кожа, избирајте смирувачки и хранливи формули без парфеми за да избегнете иритации. За кожа склона кон акни, користете специјални формули со благи ексфолијанти кои не ги затвораат порите.
2. Редовен пилинг – тајната на свиленкастата кожа
Пилингот еднаш до двапати неделно делува како бјути прајмер за вашата кожа – ги отстранува мртвите клетки, ја изедначува текстурата и ја подготвува кожата за сите хранливи состојки што следуваат. Изберете помеѓу суво четкање, класичен механички пилинг со гранули или нежни хемиски пилинзи на база на киселини или ензими, кои истовремено ја негуваат и чистат кожата.
3. Хидратација и длабинска нега
Златно правило: започнете со лесни формули и завршете со побогати текстури. Најпрво нанесете серуми и лесни лосиони со хијалуронска киселина или уреа – овие состојки ја задржуваат влагата длабоко во кожата. Потоа “заклучете” ја таа влага со богати креми и масла кои содржат омекнувачки компоненти како што се шеа путер или какао путер, кои создаваат заштитен слој и спречуваат сушење на кожата.
Бјути совет: Нанесете хидратантна крема во првите неколку минути по туширање – додека кожата сè уште е влажна, нејзината способност да впива влага е максимална.
4. Заклучување на влагата пред спиење
Ноќта е период кога кожата природно се обновува, па затоа е идеален момент да ѝ обезбедите дополнителна доза храна и нега. Пред спиење нанесете побогата крема или масло – на тој начин ќе создадете бариера која ја чува влагата во кожата и позитивно влијае на нејзината ноќна регенерација.
5. Незаменлива SPF заштита
Заштитата од УВ зраци е важна во текот на целата година, но е особено клучна во потоплите месеци кога повеќе делови од телото се откриени. Последниот чекор од дневната рутина треба да биде квалитетен лосион за тело со висок заштитен фактор – редовно нанесувајте го и обновувајте го во текот на денот, особено ако носите облека која ги открива рамената, рацете или нозете.
Оваа едноставна рутина за нега на телото не бара многу време, но обезбедува спектакуларни резултати. Подгответе ја вашата кожа да заблеска на сонце, во најдобро можно издание кое досега сте го имале.