Актуелно

Прогласена е епидемија на морбили во Скопје-од утре забрана за невакцинирани деца во градинка

Прогласена е епидемија на морбили на територија на град Скопје, поради 12 нови нови случаи. Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека шест од новите случаи се потврдени со лабораториски анализи, а за останатите шест, резултатите од анализите се очекуваат утре. Повеќето од заболените се деца, но има и возрасни, сите се невакцинирани.

„Прогласена е епидемија на мали сипаници во Скопје и принудени сме од утре да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани со МРП вакцина во градинките“, рече Филипче.

Од новите случаи има по еден заболен во Кисела Вода, Гази Баба и Аеродром, а тројца се од населбата Бутел. Од сомнителните случаи двајца се во Аеродром, по еден во Центар, Бутел и Ѓорче Петров.

Осум од заразените се хоспитализирани на инфективна клиника и сите се со компликации со бронхопневмонија. Двајца се со потешка клиничка слика. Меѓу заболените има 8-месечно бебе и деца на возраст од 3,5 и 4 години. Има и еден возрасен на 31-годишна возраст.

Филипче рече дека ситуацијата со малите сипаници е под контрола и дека се прават увиди на сите пунктови за вакцинирање.

„Од 15.000 невакцинирани деца под 14 годишна возраст со повиците за вакцинирање, само 310 се вакцинираа што е исклучително мала бројка“, рече Филипче.

Во Министерството за здравство информираа дека во Србија и Романија има епидемија на морбили, при што потенцираа дека станува збор за исклучително опасна и смртоносна болест. Во Србија починале 30 лица, а во Романија 50.

Во Скопје во моментов се регистрирани 13 случаи на морбили, а се очекува потврда за уште 6, со што бројот за кратко време може да се искачи на 19.

Морбилите се тешко заразно заболување кое се пренесува преку допир и или вдишување преку меѓусебен контакт и може да предизвикаат тешко воспаление на белите дробови и воспаление на мозокот.

Извор: НоваТв

Advertisements
To Top