Притвор и кривична за возачот кој вчера усмрти полицаец кај Тумчевишка клучка


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Одделението за безбедност на патниот сообраќај од гостиварската полиција поднесе кривична пријава против 31-годишниот Ш.Р. од село Грешница, Кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Според информациите, на 30.12.2019 на автопатот во близина на Тумчевишка клучка, пријавениот, кој управувал возило со брзина поголема од дозволената, изгубил контрола над возилото и удрил во двајца полициски службеници, кои обезбедувале место на настан по случена сообраќајна незгода, од кои едниот, Петар Ѓурчиновски (горе), починал, а на другиот му биле констатирани тешки телесни повреди.

Според првичните наоди, полицајците обезбедувале место на автопатот Тетово-Гостивар, кај клучката за селото Тумчевиште, на кое се случила сообраќајна несреќа. Затоа сообраќајот го пренасочувале на десната лента.

Во еден момент, обвинетиот Ш.Р. изгубил контрола врз возилото, удрил во бетонската ограда која го дели автопатот и во двајца полициски службеници.

Гостиварското обвинителство побара краткотраен притвор за возачот на автомобилот кој првично удрил во полицајците. Тој се товари за сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Судија на претходна постапка му определил притвор од 48 часа.