Прилично „транспарентно“: Бразилскиот претседател забрани јавно објавување на новозаразените и починатите од коронавирусот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Откако престана јавно да ги објавува тековните статистички податоци и вкупните бројки на случаи со Ковид-19 и на починати од вирусот, бразилската влада е обвинета за тоталитаризам и цензура. Истовремено, во рамки на оваа стратегија, владата на Бразил ги избриша и податоците за тестирањето.

Инсајдери на Министерството за здравство за локалните медиуми изјавија дека овој потег го наредил лично крајно десничарскиот претседател Жаир Болсонаро – и беше пречекан со широко распространет гнев во Бразил, едно од најтешко погодените места во светот со Ковид-19, со повеќе смртни случаи од Италија и повеќе случаи од Русија и Велика Британија.

„Авторитарниот, нечувствителен, нехуман и неетички обид починатите од Ковид-19 да се направат невидливи нема да успее. Ние и бразилското општество нема да ги заборавиме, ниту трагедијата што ѝ се случи на нацијата“, рече Алберто Белтрам, претседател на националниот совет на државни здравствени секретари во Бразил.

Во петокот навечер, бразилската влада престана да ги објавува кумулативните бројки потврдени случаи на Ковид-19 и само ги доставуваше дневните броеви. Веб-страницата на Министерството за здравство беше офлајн и се врати во саботата без вкупниот број смртни случаи и потврдени случаи, како и бројот на суспектните случаи и оние кои се опоравени. Бројот на смртни случаи пријавен во саботата беше 904, 1.005 во петокот и 1.473 во четвртокот.

Овој потег беше критикуван ширум бразилското општество, при што лекарите, медицинските здруженија и државните гувернери го нападнаа она што го нарекоа обид за контрола на информациите. Федералните обвинители најавија истрага во саботата и му дадоа на привремениот министер за здравство 72 часа да го објасни овој потег, користејќи го бразилскиот устав и законот за слобода на информации како оправдување.

„Манипулацијата со статистиката е маневар на тоталитарните режими“, објави на Твитер Гилмар Мендес, судија на Врховниот суд. „Трикот нема да ја исклучи одговорноста за евентуалниот геноцид“. Родриго Маја, спикер на долниот дом на Конгресот, побара да бидат заменети податоците за „транспарентност“.

„Не можете да се соочите со пандемија без наука, транспарентност и акција“, соопшти Пауло Комара, гувернер на североисточната држава Пернамбуко. „Манипулацијата, пропустот и непочитувањето се впечатливи обележја на авторитарните администрации. Но, ова нема да го уништи напорот на целата нација“.