Актуелно

Прилепскиот Тутунски комбинат не е повеќе загубар – оствари милионска заработка

Откако го реши горливиот проблем со превработеноста, прилепскиот Тутунскиот комбинат излезе од групата на четирите македонски загубари и минатата година ја заврши со добивка од 39 милиони и 220 илјади денари, главно благодарение на подобрената продуктивност со растоварувањето од превработеноста, како и на стратегиското партнерство со „Филип Морис“.

Комбинатот излезе од групата на четирите загубари, а неговиот менаџерски тим, како што рече денеска на прес-конференција, очекува натамошен раст со повеќе инвестициски зафати.

– Тутунскиот комбинат 2019 година ја заврши финансиски позитивно со добивка од 39 милиона 220 илјади и 427 денари. Причината за остварувањето на овој позитивен финансиски резултат лежи во подобрувањето на продуктивноста, која пак, се должи на заминувањето на 222 лица на доброволна основа со отпремнини. Голем удел имаат и приходите од вложувањата во неповрзани и поврзани друштва, односно во уделот на Комбинатот од страна на компанијата Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп ДОО“ Скопје, рече генералниот директор, Кирил Станкоски.

Оперативните приходи, додаде, се зголемени за три проценти, а оперативните расходи се намалени за 16, 8 отсто.

– Зголемувањето на оперативните приходи за три проценти значи дека од 945 милиони 925 илјади денари, се зголемени на 974 милиони 625 илјади денари. Расходите бележат пад од 16,8 отсто или во бројки, од 1 милијарда 186 милиони 685 илјади денари колку што беа во 2018, лани се намалени на 1 милијарда 015 милиони 158 илјади денари во 2019, главно, поради претходно исплатените отпремнини на работниците кои ја напуштија компанијата. Има и реализирани инвестиции кои ги намалија трошоците во работењето, објасни Станкоски.

Комбинатот целосно ќе ја искористи добивката за покривање на загубите од минатите години. Освен тоа, платата на сите вработени лани се зголемила за 25 проценти

Во фабриката за цигари производството лани е зголемено за 15 проценти во споредба со 2018 година, а имало и неколку зафати за заштеда.

– Тутунот од реколта 2018 година е целосно продаден што е за пет проценти повеќе од претходната 2017 година. Како резултат на условите и стандардите, во моментов во Комбинатот се произведува најголемиот глобален бренд на Филип Морис – „Marlboro“ , како и „Chesterfield“ и „Bond“. Што се однесува до постигнатата заштеда со енергетстабата ефикасност, се инвестираше во санација на дел од оштетените лимени покриви и во комплетната санација на клима-коморите во Погонот цигари. Во овој погон, направена е нова внатрешна хидранстка мрежа што беше еден од најзначајните услови и барања од нашиот стратешки партнер. Се реализираше една од најбитните инвестиции во Тутунскиот комбинат, монтажа на нови инвертер клима уреди, истакна Станкоски.

Рече и дека оваа година главно се преокупирани со продажбата на тутунот кој штотуку е откупен, од реколтата 2019 за која денеска ја заокружи и ислатата на тутунарите во вкупна вредност од 11 милиони евра.

-Годинава сме преокупирани со разговорите и со преговорите со нашиот стратегиски партнер околу продажбата на тутунот од реколтата 2019 и сме во завршна фаза. Очекуваме над 90 проценти од целиот тутун кој го откупивме да му го продадеме. Ќе се склучуваат договори со кооперантите, а количествата за откуп и годинава се планирани на околу 3.000 тони како последните години. Инаку, денеска им ги уплативме последните средства на тутунарите за откупениот тутун и вкупно на нашите кооперанти за реколтата 2019 им исплативме околу 11 милиона евра, информира директорот.

Со модерницзација на Фабриката за цигари се очекува зголемување на производството. На лето е планирана дополнителна инвестиција за промена на начинот на загревањето на Фабриката со т.н. топлотни пумпи. Ако се спроведе тоа, комплетно ќе биде исфрлен метанот како средство за загревање, зашто засега е голема ставка на трошок.

Во Комбинатот има вкупно 235 вработени што, според менаџментот, е оптимална бројка иако се размислува за зголемување на бројот.

Станкоски смета дека најдобра опција за Тутунскиот комбинат е негова приватизација со една од трите големи светски компании. Но, фирмата е државна, па тоа треба да го реши државата.

Договорот за стратегиско партнерство со „Филип Морис“ е на 10 години и досега е поминат половина од тој период.

Advertisements
To Top