Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Првиот човек на руската платеничка воена група „Вагнер“, Јевгениј Пригожин, рече дека тврдењата на Министерството за одбрана дека руските војници спречиле уште една голема украинска офанзива во Доњецк, уништувајќи ја нивната воена опрема и нанесувајќи им огромни жртви, се „апсурдна научна фантастика“.
Министерството за одбрана во Москва во понеделникот соопшти дека нивните сили ја одбиле втората голема офанзива на Украина за два дена, уништувајќи, меѓу другата воена опрема, осум главни борбени тенкови леопард, испорачани на Украина од западните сојузници, како и 109 оклопни возила.
Исто така, беше наведено дека вкупните загуби на Украина изнесуваат 1.500 војници.
Од Киев нема коментар за руските наводи, а Ројтерс не можел да ја потврди веродостојноста на податоците.
Пригожин, чија група Вагнер мина месеци борејќи се во Бахмут и кој има сѐ полоши односи со Москва, изрази сомнеж за тврдењата на Министерството за одбрана.
„За да убиете толку многу луѓе, треба дневно да освојувате по 150 километри“, рече тој на неговиот медиумски сервис на Телеграм.
„Затоа, верувам дека ова е едноставно дива и апсурдна научна фантастика“, рече Пригожин.
„Собирањето на бројките доставени од Министерството (за одбрана) би значело дека веќе петпати сме ја уништиле целата планета“, саркастично додаде тој.
Пригожин во последно време често е во судир со одбранбениот врв околу раководењето на руската армија, односно војната во Украина и, како што вели, недоволната поддршка што Кремљ им ја дава на Вагнеровите војници.
Русија во повеќе наврати истакна дека украинските сили почнале голема офанзива во јужниот регион Доњецк, иако останува нејасно дали контраофанзивата на Украина всушност почнала, пренесува Ројтерс.
Москва во понеделникот објави дека спречила голем украински напад, во кој учествувале шест механизирани и два тенковски баталјони во јужниот украински регион Доњецк.
„Немаме такви информации и не коментираме никакви лаги“, изјави портпаролот на Генералштабот на украинските вооружени сили на прашање на Ројтерс.
Советникот на претседателот Володимир Зеленски предупреди дека не треба да им се верува на руските извештаи за борбите во Украина.