Премиерот Заев си поднесе оставка – следува техничка влада по Пржински модел


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Македонскиот премиер Зоран Заев ја потпиша и депонираше до Собранието својата оставка од премиерската функција, која денес треба формално да биде констатирана на собраниска седница.

До изборите на 12 април земјава ќе ја предводи техничка влада. Собранието денеска до полноќ се очекува да ја избере новата преодна влада, чиј премиер ќе биде Оливер Спасовски. Во преодната влада ВМРО-ДПМНЕ предлага министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика – Наќе Чулев и Рашела Мизрахи, како и дополнителни заменик-министри за финансии, информатичко општество и администрација и земјоделство.

Зоран Заев од премиерската функција заминува по 2 години и седум месеци на власт, за да се формира техничката влада која треба да спроведе предвремени парламентарни избори на 12 април. Собранието засега нема закажано седница за избор на новата влада.

Заев во емисијата „Утрински брифинг“ рече дека очекува целиот процес да оди без никакви проблеми.

Техничката влада се формира според таканаречниот „Пржински модел“ кој првпат е применет на изборите во 2016 година. Договорот за ваква влада го постигнаа поранешниот премиер Никола Груевски, премиерот во оставка Зоран Заев кога беше опозиционер и претставници на другите партии со помош на меѓународната заедница во 2016 година.

Од Кабинетот на Претседателот на државата, информираа дека претседателот Стево Пендаровски, денеска ќе му го врачи мандатот на Оливер Спасовски. Во соопштението од претседателскиот Кабинет се наведува дека по завршувањето на седницата во Собранието за избор на Влада на Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски во својот Кабинет – Вила Водно, ќе ги прими членовите на новиот состав на Владата.