Предлог-законот за родова еднаквост и сексуалното образование отвори судир меѓу црквата и државата


Уште еден поткаст! Fat Cacko: Од гитара до Fat kitchen bistro и најдобриот бургер во градот ↓↓↓


Дебатата за предлог-законот за родова еднаквост и воведувањето на сеопфатно сексуално образование во училиштата иницираше отворен судир меѓу црквата, државата и активистите за родови права, пренесува Дојче Веле.

МПЦ крева глас и бара широк консензус за сексуалното образование, за кое што смета треба да одлучат родителите, а не да им биде наметнато на децата. Од институциите бара да не бидат „заложници на родовите идеолози“, а ваквите ставови на трибина што се одржа на 18 март во Струмица на тема „Зошто Не за сексуалното образование во училиштата“, ги пренесе Епископ Јаков Стобиски. Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска најави дека ќе закаже состанок со челниците на Струмичката епархија на МПЦ-ОА за да се разговара за разликите околу предлог Законот за родова еднавост.

Смее ли Црквата да се меша во носењето закони или ваквото однесување е противуставно во секуларна држава, како што е Македонија? Платформата за родова еднаквост оценува дека ваквото делување на црквата е антиженско, антихуманистичко и противуставно, бидејќи претставува мешање на религијата во донесувањето на законите.

„Еднострани монолози“

Копјата се кршат околу предлог-законот за родова еднаквост и воведувањето на сеопфатно сексуално образование во училиштата. МПЦ испратила и писмо до министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во кое викарниот епископ Јаков Стобиски наведува дека се креираат законски решенија исклучиво од страна на активисти, без да се слушне волјата на мнозинството од народот. МПЦ реагира дека не биле консултирани лица и организации кои застапуваат поинаква перспектива, дека станува збор за дебари кои се свеле на „еднострани монолози“, место да бидат ислушани двете страни.

„Патот на тие идеолози беше трасиран од Вашата претходничка, Мила Царовска, која успеа да издејствува да навлезат во сите пори на државата, и како резултат сега следствено, се чини дека Министерството потфрлува во приоритетот за унапредување на правата на сите граѓани“, се вели во писмото.

Консензус за сексуалното образование

Сексуалното образование во училиштата, според црквата, е предмет на дискусија во која треба активно да учествуваат родителите и за него мора да постои широк општествен консензус.

„Во спротивно, секое наметнување е директен атак на слободата и уставно гарантираното право на родителите да одлучуваат како да ги воспитуваат и образуваат своите деца. Од прирачниците, кои се јавно достапни, досега можевме да видиме дека им се сугерира на децата дека можат да започнат со сексуални односи на која било возраст и можат да експериментираат со сексуални партнери, па затоа има потреба да се тестираат од сексуално преносливи болести. Оваа воопшто не спаѓа во категоријата „одговорно однесување“, кое вие тврдите дека ќе биде плод на сеопфатното сексуално образование“, се вели во писмото.

Но, според родовите активисти, со ваквото делување се напаѓа уставниот поредок според кој Македонија е секуларна држава, што значи дека МПЦ или која било друга верска организација не треба да се впушта во обликување на закони и политики кои не го уредуваат работењето на верските заедници. Тие обвинија дека „МПЦ се етаблира како организација која шири мизогонија и се залага за зачувување и реафирмирање на подредената улога на жената во општеството“.

„Црквата не го прави ова без интерес, а афирмирањето и зачувувањето на шовинистичките вредности според кои жените им се подредени на мажите, и овозможуваат на Црквата да ја зацврстува својата политичка и економска моќ, преку ширење религиозни догми, манипулација со стравовите на луѓето и контролирање на политичкиот дискурс“, се наведува во реакцијата. . Кога Црквата се меша во донесување закони, според нив, значи дека заговара за решенија кои нејзе ќе и донесат повеќе моќ.

Стереотипи и предрасуди

На трибината во Струмица, епископот Јаков Стобиски порача дека е загрижен поради предлог-законот за родова еднаквост, кој носи опасност за општеството и основните човекови права. Од Министерството за труд и социјална политика, сметаат дека ваквите ставови го враќаат општеството назад, не придонесуваат за подобар квалитет на живеење, туку водат кон зајакнување на стереотипите и предрасудите, кон говор на омраза, дискриминација и ксенофобија.

Според нив, тенденцијата на овој закон е да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотипите во општеството. „Сексуалното образование во училиштата ќе овозможи поддршка на младите во созревањето, да изградат сопствен систем на вредности и самопочит што ќе им овозможи да носат одговорни одлуки и да се однесуваат одговорно, да се спречи предвремени и незаштитени сексуални односи, да се превенираат бројните несакани последици од незнаење и предрасуди, злоупотреба и насилство и да придонесе за развој на толерантни и квалитетни односи помеѓу момчињата и девојчињата засновани на меѓусебна почит“, велат од ресорното министерство.