Поради неговата возраст, српските институции не знаат што точно да прават со малолетниот убиец кој вчера го изврши масакрот во Белград


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Малолетниот Коста Кецмановиќ, ученик во седмо одделение во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, кое вчера утрото околу 8:40 часот уби осум соученици и училишниот обезбедувач, а тешко рани уште шест ученици и наставничката по историја, сѐ уште нема наполнето 14 години, што е законската старосна граница на која малолетникот станува кривично одговорен.

Роден е на 30 јуни 2009 година, така што за месец и пол ќе наполни 14 години.

И покрај сериозноста на стореното дело, според Законот за малолетни сторители и казненоправна заштита на малолетни лица, тој не може кривично да одговара бидејќи се третира како дете, пишува Блиц.

Во членот 2 од Законот за малолетни сторители се вели дека „на лице што во моментот на извршување на незаконито дело, дефинирано како кривично дело, било на возраст под 14 години, не може да му се изречат кривични санкции или да се применат други мерки предвидени во овој закон“.

Мотивот сѐ уште не е познат, но постои сомнеж дека напаѓачот знаел за ова, па можно е нападот токму затоа да го извршил сега. Сепак, ова е само сомнеж без јасна потврда.

Според информациите на Блиц, Одделението за малолетници на Вишото јавно обвинителство сѐ уште ги разгледува сите околности на еден ваков случај, со какви што во кариерата не се сретнале ниту најискусните обвинители. Покрената е истрага за да се утврдат сите околности на досега невиденото злосторство, а се истражува и како малолетникот го добил пиштолот со кој ги уби своите врсници.

Не се знае што ќе биде со него

Сѐ уште не е познато каде ќе биде сместен напаѓачот деновиве по апсењето.

Адвокатот Радомир Мунижаба за Блиц вели дека со оглед на тоа што не наполнил 14 години, не може да му се изречат кривични санкции или да се применат други мерки предвидени со Законот за малолетници.

„Дури и да имаше наполнето 14 години, детето ќе мораше да биде вештачено од вештак невропсихијатар и психолог, за да се утврди неговата пресметливост“, вели Мунижаба.

Во случајот со напаѓачот, сето тоа практично значи дека тој најверојатно ќе биде испратен на некоја посебна локација или во затворена институција, бидејќи постои можност за одмазда кон него и неговото семејство.

„Не може да се определи никаква мерка, туку само може да биде сместен во одредена институција, и тоа ако има потреба за тоа, а не затоа што некој го наредил тоа. Може да биде сместен во детска болница или упатен на разни прегледи“, вели Мунижаба.

Се огласи адвокатката на напаѓачот

Ирина Боровиќ, адвокатката на момчето осомничено за нападот во училиштето во Врачар, за Нова.рс изјави кои се следните чекори во случајот.

„Сега треба да се направат токсиколошки анализи во ВМА, по што претставник од Центарот за социјална работа ќе разговара со него. Потоа со него ќе разговараат психолог и психијатар, а од тоа ќе зависат следните чекори“, вели Ирина Боровиќ за Нова.рс.

Таа додава дека таткото на момчето е задржан до 48 часа, а ќе биде сослушан в петок. Потоа ќе се одлучува и за тоа дали ќе биде приведен или пуштен на слобода.