Во пресрет на крајот на годината, Pinterest ги објави своите предвидувања за трендовите во модата и убавината за 2026 година, а меѓу бројните естетики што веќе го привлечоа вниманието – поеткор јасно се издвојува.
Сепак, поентата не е само во трендот, туку во начин на размислување и живеење. Станува збор за естетика која го поврзува стилот со внатрешната сила, креативниот дух и нежната носталгија, нудејќи одговор на современата потреба за побавно, посмисловно и „аналогно“ живеење.
Во срцето на поеткор естетиката лежи идејата за „книжевен протагонист“ – личност која својот живот го доживува како роман. Нејзиниот изглед одекнува со предмети и парчиња облека што изгледаат како да носат своја приказна, како да имаат историја и карактер. Оваа естетика произлезе од интересот за тнр. poet aesthetic – визуелен и емотивен свет инспириран од поезијата, литературата и интроспективниот стил, а растечкото број на пребарувања јасно покажува дека се повеќе луѓе се стремат кон посуптилен, смирен и личен израз.
Во мода, поеткор значи големи ролки, волнени џемпери, винтиџ сакои и силуети кои потсетуваат на ходниците на стари универзитети и прашливи библиотеки. Сатчел чанти, реси, пенкала со мастило, класична облека и внимателно избрани аксесоари создаваат софистицирано, речиси романтично чувство – естетски бег од дигиталната брзина на секојдневието.
Но, поеткор не се ограничува само на модата. Оваа естетика силно навлегува и во уредувањето на домот. Просторите инспирирани од поеткор стилот потсетуваат на интимни агли за читање и пишување: неутрални бои, природни материјали, богати текстури, суптилни дезени и детали што изгледаат како да имаат душа и време зад себе. Сето тоа создава амбиент кој повикува на тишина, размислување и емотивно присуство.
Во свет кој станува се побрз и подигитализиран, поеткор претставува тивка побуна – потреба за мир, интроспекција и пронаоѓање на смислата преку едноставни, но длабоко изразни елементи. Тоа не е само визуелен стил, туку став: животот како внимателно напишана приказна, а не како минлив дигитален фид.