ПОПОДОБРО ОД ВОДА: НАЈДОБРИОТ НАПИТОК ЗА ХИДРАТАЦИЈА ВО ЖЕШТИНА
Водата е неопходна за нашето општо здравје и благосостојба.
Иако редовното пиење вода е добар начин да останеме хидрирани, можеби постои пијалак кој хидрира уште подобро?
Доволната хидратација е чест совет за спречување мамурлак, главоболки или топлотни удари. Пиењето доволно течности е клучно за здравјето на нашите клетки и органи, и истовремено носи многу други придобивки. Знаеме дека водата помага при регулирање на телесната температура, спречува инфекции, ги одржува зглобовите здрави, а научните истражувања исто така укажуваат дека добра хидратација може да придонесе за долговечност. Други студии покажуваат дека добро хидрираните луѓе имаат помала веројатност да развијат хронични болести и поретко покажуваат знаци на забрзано биолошко стареење. Покрај тоа, дехидратацијата и нерамнотежата на електролити можат негативно да влијаат и врз плодноста.
Сето ова укажува дека хидратацијата има огромна улога во нашето здравје. Но, не се работи само за количината на вода што ја пиеме.
УЛОГАТА НА ВОДАТА И ЕЛЕКТРОЛИТИТЕ
Правилната хидратација не се сведува само на пиење вода. Електролитите се исто така важен дел од оваа приказна. Кога метали како калиум, магнезиум и натриум се растварат, тие стануваат електролити. Овие супстанции му помагаат на телото подобро да ја искористи водата. Истовремено, учествуваат во хемиски реакции и го регулираат нивото на течности во различните клетки, ткива и органи. Нерамнотежа со електролити може да се појави во ситуации како топлотен бран, кога многу се потиме, но и кога пиеме премногу вода, што исто така не е препорачливо.
ШТО ХИДРИРА ПОДОБРО ОД ВОДА?
Секако, чаша вода секогаш е добар избор. Но, според една студија од Универзитетот Сент Ендрјус во Шкотска, не е најефикасната опција за хидрација. Истражувачите откриле дека иако водата навистина брзо хидрира, пијалаци со малку шеќер, маснотии или протеини имаат посилен и подолг ефект. Причината лежи во начинот на кој телото реагира на овие пијалаци. Еден од факторите е количината: колку повеќе испиеме, толку побрзо пијалокот се транспортира од желудникот преку крвта до другите делови од телото.
МЛЕКО НАМЕСТО ВОДА
Друг битен фактор што влијае на ефикасноста на хидратацијата е составот на пијалокот. На пример, млекото хидрира подобро од обична вода бидејќи содржи лактоза, протеини, маснотии и соединенија што ја задржуваат хидратацијата подолго време. Млекото содржи и натриум кој делува како сунѓер – ја задржува водата во телото, што значи дека телото излачува помалку урина.
НА ШТО ДА ВНИМАВАМЕ?
Пијалаците со висока концентрација на шеќер, како овошни сокови или газирани пијалаци, не секогаш обезбедуваат добра хидратација. Тие можат подолго да останат во желудникот, но штом стигнат до тенкото црево, шеќерот се разредува преку процес наречен осмоза. Тој процес всушност ја “влече” водата од телото во цревата за да ги разреди шеќерите, што значи дека наместо да се хидрирате, вие губите вода. Со други зборови, потребата за дополнителна хидратација се зголемува.