Актуелно

Петтиот економски владин пакет за помош на стопанствениците „тежок“ 50 милиони евра ќе започне да се спроведува во февруари

Според изјавата на Министерот за економија Фатмир Бектеши, петтиот економски пакет за помош на стопанствениците изнесува 50 милиони евра и ќе почне да се спроведува во февруари.

Ова сугерира дека стопанствениците сепак може да очекуваат помош за плата и за јануари доколку законот за финансиска поддршка се изгласа до крајот на месецов, или на почетокот од февруари, со што фирмите би ги пополниле барањата до УЈП на почетокот од следниот месец. Стопанствениците, пак, стравуваат дали целиот процес ќе е направи навремено за да се фатат роковите за јануарската плата, пренесува Слободен печат.

Според Бектеши, Владата веќе ги дизајнира мерките и ќе бидат таргетирани секторски каде пандемијата имала најголемо влијание на намалување на приходите и на отпуштање на работници. Сепак, потенцираше министерот. Мерките, како и досега, ќе се дискутираат за да конечно се прецизираат во соработка со стопанските комори во рамки на јавно-приватниот дијалог.

– Сите мерки и предлози ќе бидат дискутирани со стопанските комори, ќе ги собереме сите предлози кои доаѓаат од различни институции, вклучително и на Министерството за економија и на почетокот на февруари, во согласност со нашите планови и динамика ќе излеземе со мерките и ќе почнеме да ги реализираме – рече министерот во гостувањето на ТВ 24.

– Ако ја гледаме реализацијата на мерките од март, кога започна пандемијата, па до сега, ќе видиме дека во континуитет има намалување на бројот на компании кои аплицираат за мерката за финансиска поддршка за исплата на плата. Тоа значи дека се подобрува состојбата кај компаниите – кажа Бектеши.

Министерот потенцираше дека ова го потврдуваат и податоците за реализација на буџетот за 2020 година, кои покажуваат раст на приходите од даноци и придонеси.

– Сите мерки што ќе ги предложат стопанските комори, како и досега ќе бидат земени во предвид во Советот за јавен-приватен дијалог. Но, нема да застанеме тука. Со сите мерки што ќе ги преземеме во наредниот период ќе им излеземе на компаниите кои се најпогодени од кризата предизвикана од пандемијата – кажа Бектеши.

Сојузот на стопанските комори пред министерот да го даде интервјуто, излезе со соопштение во кое инсистираше мерките да бидат донесени во јануари за да има континуитет во спроведувањето. Оттаму побараа во петтиот пакет да има мерки за одржување на ликвидноста, мерки за даночно олеснување и одложување на даночните обврски, како и субвенции за задржување на вработените.

Работодавачи: Нелогично е поради сезонците да не се земе помош

За новите мерки од петтиот економски пакет својот збор треба да го кажат и работодавачите. Она за што тие и понатаму ќе се залагаат е да има флексибилност околу бројот на вработените. Досега, помош за вработените можеше да се добие ако нивниот број не се намали, освен со одредени исклучоци какви што се смрт, пензионирање, отказ поради нанесување штета.

– Особено во туристичкиот сектор имавме летово вработувања на сезонски работници. Компаниите што ги вработија работниците на одредено време, не можеа да примат финансиска помош за октомври, ноември и декември затоа што тие работници веќе не работат кај нив, односно има намалување на бројот на работници. Затоа, дел од фирмите ги враќаа сезонските работници на работа, иако хотелите воопшто не им работеа, за да добијат финансиска помош за оние што се постојано вработени. Оваа нелогичност треба да се исправи – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.

ССМ: Помошта да оди на сметка на вработените, изолираните да добиваат цела плата

Да продолжи помошта за плати, цела плата да добиваат оние што се дома поради короната затоа што се хронично болни, чуваат деца до 10 години, се бремени или се во изолација, а јавните набавки да бидат насочени кон домашни компании и да има финансиска поддршка на инвестициите – се барањата на Сојузот на синдикати на Македонија во врска со мерките што треба да бидат содржани во петтиот економски пакет.

Во однос на помошта за платите, од ССМ повторно инсистираат поддршката да оди директно на сметките на работниците за да не се случува и понатаму газдите да земаат пари, а да ги остават без плата работниците. Синдикатот инсистира и на тоа пари да може да добијат само фирмите кои ги задржале своите вработени, односно ако некого отпуштиле да го вратат на работа, а бројот на работници да не се намали и три месеци по користење на мерката.

Од ССМ бараат и во Правилникот за листа на професионалните болести како професионална болест да се смета ковид-19, не само за здравствените работници, туку и за работниците од други дејности и вработени во институции на работни места каде што е можен контакт и изложеност на овој вирус.

Од ССМ велат дека од Владата очекуваат и поинаква помош покрај субвенционирање.

– Владата да преземе поголем ангажман за обезбедување нови инвестиции од домашно и од странско потекло и да обезбеди економски мерки за поефикасно прилагодување на компаниите. Исто така, бараме од Владата да води грижа финансиската поддршка и инвестициите да се обезбедат за компаниите кои ги почитуваа законите и колективните договори, кои ја немаат злоупотребено поддршката од државата и кои немаат неосновано отпуштени работници – велат од ССМ.

ССМ како репрезентативен синдикат на работниците бара финансиска помош да добијат фирми во кои има синдикално здружување со цел синдикатот да биде контролор за спроведување на мерките што се во интерес на работниците.

 

To Top