Зиме, за да имаме силен имунитет и да се заштитиме од вируси, избираме да ја збогатиме нашата исхрана со намирници богати со витамини и хранливи материи, како што се зеленчукот и супите.
Сепак, топлите напитоци се многу важен сојузник во текот на зимската сезона, нешто што неретко го занемаруваме. Особено, билните напитоци кои се подготвуваат од суви листови, семиња, цветови и корени од билки имаат силни антиинфламаторни и антиоксидативни својства. Во последните години, вниманието се насочи кон чаевите, бидејќи тие, меѓу другото, имаат бројни здравствени придобивки за жените, го намалуваат ризикот од срцеви заболувања и рак.
Во продолжение ви претставуваме 5 билни напитоци кои ќе ви помогнат да останете здрави во текот на зимата.
Чај од рузмарин
Рузмаринот е одлична антиинфламаторна и антивирусна билка која го смирува телото, загрева и го поттикнува имунолошкиот систем. Исто така, е позната по тоа што го подобрува паметењето и способноста за учење. Белешка: доколку додадете неколку капки лимон, вкусот на чајот значително се подобрува.
Чај од ѓумбир
Оваа смирувачка билка делува како природен лек за мачнина и може да помогне при вознемирен стомак. Ѓумбирот има антиинфламаторно, антимикробно и заштитно дејство на срцето и нервниот систем. Исто така, се смета дека помага во борбата против ракот и кај лица кои имаат проблеми со инсулинскиот баланс.
Матча
Јапонскиот зелен чај матча е во прав, добиен со мелење на листовите од растението Camellia sinensis – зелениот чај, познат по своето силно антиоксидативно дејство и здравствени придобивки. Вкусот и аромата на мачата потсетуваат на свежа зелена трева и немаат типичната горчина на останатите зелени чаеви. Матчата значително го намалува стресот, ја зголемува концентрацијата и има силно противвоспалително дејство.
Камилица
Добро познатиот древен чај од камилица е еден од билните напитоци што има смирувачко, тонизирачко и антисептичко дејство, помага и при гасови во цревата. Исто така се користи како лек за различни заболувања, вклучувајќи уринарни инфекции. Утврдено е дека има благ диуретичен ефект и ја штити кардиоваскуларната функција.
Чај од листови од коприва
Копривата, ова зелено лиснато растение, е исклучително хранливо и богат извор на витамин А и Ц, како и на елементи во трагови како што се калциум, бакар, калиум, силициум и железо. Може да помогне при воспалителни состојби и инфекции на мочниот меур, имајќи антивирусен и антибактериски ефект. Покрај тоа, е корисна за лица со остеоартритис и особено за жени со обилни менструации – помага во нормализација на циклусот и крвотокот.