Home Актуелно Орбан со убедлива победа на парламентарните избори во Унгарија

Орбан со убедлива победа на парламентарните избори во Унгарија

Унгарската десничарска партија Фидес на чело со актуелниот унгарски премиер Виктор Орбан убедливо победи на денешните парламентарни избори, покажуваат првите резултати.

Коалицијата на Орбан освои 57 отсто од гласовите, а проевропската опозициска коалиција Обединети за Унгарија освои 31 отсто, соопшти Државната изборна комисија, по изброени 43 отсто од гласовите.

Иако броењето на гласовите сѐ уште трае, сè укажува на јасна поддршка на мнозинството гласачи за популистичкиот стил на владеење на Орбан.

Денешните избори се очекуваше да бидат најнеизвесните откако Орбан повторно стана премиер во 2010 година, бидејќи шест водечки опозициски партии ги оставија настрана идеолошките разлики и формираа обединет фронт против Фидес.

Меѓутоа, лидерот на опозициската коалиција Петер Марки-Зај во моментов има 11 отсто помалку во својата изборна единица од кандидатот на Фидес Јанош Лазар, откако се преброени 74 отсто од гласовите.

Тоа е обесхрабрувачки знак за Марки-Зај, кандидат за премиер што вети дека ќе ѝ стави крај на распространетата корупција во владата и ќе го подигне животниот стандард со зголемување на финансирањето на здравствениот и образовниот систем.

Опозициските партии и меѓународните набљудувачи укажуваат на структурните пречки за пораз на Орбан, наведувајќи го сеприсутниот провладин став во државните медиуми, доминацијата на сојузниците на Орбан во приватните медиуми и кроењето на изборните единици во корист на владата.

Од 199 пратеници во унгарскиот парламент, 106 се избрани по мнозински принцип, така што во 106 изборни единици победува кандидатот со најмногу гласови. Останатите 93 пратенички места се доделуваат на избори на кои се натпреваруваат партиски листи. Прагот за влез на листата во парламентот е пет отсто од гласовите, десет отсто во случај на коалиција од две партии и 15 отсто за сојузи од три или повеќе партии.

Право на глас имаа и унгарските државјани што живеат во странство, како и повеќе од милион етнички Унгарци што живеат во соседните земји. Орбан на двете категории избирачи им даде право на глас со промена на изборниот закон.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…