Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Гневот и разочарувањето во јавноста не стивнуваат по условната казна за виновникот за сообраќајката во која, 32-годишен човек го загуби животот, а неговата бремена сопруга-нероденото дете. Семејството кое две години чекаше судење, сега најавува дека, доколку не ја добијат дома, правдата ќе бараат пред меѓународните судови. Ќе поднесат известување до сите судски тела дека не се задоволни од работата на обвинителката Снежана Бундалеска и судијката Елена Јосифовиќ.
Целосна ревизија на случајот денеска побараа и од опозицијата. Велат дека не е слепа правдата, туку институциите и власта кои треба да ја спроведат.Обвинуваат дека правосудните инстанци одбиваат да ги гледаат фактите при носење на пресуди и одлуки.
Од СДСМ нема реакција за случајот, но денеска повторно испратија соопштение во кое велат дека, приоритет на новата Влада е прочистување на правосудството, со темелна проверка на имотот и материјалната состојба на секој судија и обвинител.
Судскиот процес за сообраќајката заврши во едно рочиште, без присуство на медиумите. Според сведочењето на таткото на загинатиот, при изрекувањето на пресудата, судијката рекла дека, „земајќи ги предвид олеснителните и отежителни околности има тешка мака да ја донесе оваа пресуда“. Главен аргумент за ниската казна е тоа што обвинетиот веднаш ја признал вината.
Тетовскиот бизнисмен Васил Чорбаџиев поминал на две полни линии, вртејќи во лево при што му го пресекол патот на загинатиот кој бил на мотор со сопругата. На местото немало траги од кочење, а обвинетиот на судењето тврдел дека не го забележал моторот. По ова, обвинителката Бундалеска проценила дека делото е направено од небрежност.
Првиот човек на Кривичен суд, Иван Џолев, не сакаше да даде коментар, изјави дека за пресудата и деталите ќе се информира дополнително. Семејството очекува жалба, која може да ја поднесе само обвинителката Бундалеска.Но, од Обвинителството соопштија дека ќе ги разгледаат околностите и ќе се изјаснат дали ќе вложат жалба до Апелација.
Судијката Елена Илиевска Јосифовиќ стана позната во јавноста пред три години, кога го одби барањето на поранешното СЈО да му се одземе пасошот на Сашо Мијалков за случајот „Трезор„. Меѓу претставките кои ова обвинителство ги поднесе до Советот за утврдување на факти, беше и таа за неа, со која се бараше да се испита работатата на судиите од аспект на нестручно и несовесно вршење на судиската функција.