Од утре бензиските сами ќе ги одредуваат и регулираат цените на горивата


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Почнувајќи од утре, новите цени на горивата граѓаните ќе ги дознаваат директно на бензиските станици кои ќе бидат диктирани од трговците со горива.

Методологијата за утврдување на цената на нафтата беше „малото зло“ во договорот за Окта. Големото, со тенденција и натаму да го цеди буџетот, беше обврската за купување мазут во количества преголеми и за две Македонии.

Она што стана обврска за државата Македонија пред 20 години, кога беше потпишан купопродажниот договор со Хеленик петролеум тежок 32 милиони долари, станува историја. Цените на нафтените деривати, утврдени согласно методологијата од купопродажниот договор за Окта, кој официјално истече на 8 мај, важат уште денеска, односно до ноќеска на полноќ. Од утре важат нови правила, кои всушност и ги нема, поради тоа што државата не успеа да донесе нова методологија за пресметка на цените. Причината не е во институциите, туку кај екс претседателот Ѓорге Иванов, кој не стави потпис на неопходните законски измени.

Па така, Македонија која се реши да не го либерализира пазарот на нафта и нафтени деривати, ни крива ни должна ќе мора да функционира по услови на слободен пазар. Барем додека не се донесат законските измени во Собранието. Надлежните очекуваат дека вакуум периодот нема да донесе шокови за граѓаните:

„Да, денеска е последен ден за цените утрвдени согласно методологијата со договорот за Окта, а од утре, додека не се донесе нова методологија, трговците самите ќе ја определуваат цената. Ние донесовме законски измени кои поминаа, но Ѓорге Иванов не ги потпиша. Процедурата сега повторно е во собрание и очекувам дека во неделава ќе помине и веќе од 20 мај ќе можеме да утврдуваме цени согласно новата методологија“, изјави за ДВ Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Од полноќ, кога престанува да важи постоечката методологија, па сѐ додека не се донесе новата, трговците со нафтени деривати имаат потполно право самите да си ги формираат продажните цени на нивните бензиски станици.

Од РКЕ, се надеваат дека нема да дојде до ценовни шокови и апелираат цената на горивата да остане во рамки на движењето на светската берза.