Од ноќеска на полноќ ново поскапување на горивата

Цената на бензините од полноќ се зголемува за 1,5 денари за литар, а дизелот поевтинува за еден денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 отсто.

Според одлуката на РКЕ, новата малопродажна цена на еуросупер БС-95 изнесува 92 денари за литар, еуросупер БС-98 ќе се продава за 94 денари за литар, а еуродизел (Д-Е V) за 86 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе се продава за 84 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,258 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 52,436 денари.

Како причина за промената на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референтни цени на светскиот пазар кај бензините во просек за 1,334 отсто и намалените кај дизелот во просек за 1,84 отсто, како и за околу 0,307 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.