Од 30 април казни за сите што нема да носат заштитни маски во јавни објекти

Превентивните мерки за лична заштита пропишани од Владата остануваат на сила. Во нив спаѓаат задолжителното носење заштитна опрема (маска, марама или шал) на устата и носот, во сите јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции и слично.

Носењето на заштитна опрема е задолжително и на отворени простори, секогаш кога не може да се одржува минимална дистанца од два метри меѓу граѓаните.

Заштитна опрема не е задолжителна за граѓаните кои престојуваат во двор на станбена семејна куќа, возат велосипед или спортуваат на отворено, (но со задолжително одржување на дистанца од два метри растојание), ако патуваат во моторно возило со лица кои заедно живеат, како и ако се наоѓаат на отворено каде може да одржуваат дистанца од два метри.

За непочитување на Уредбата за носење на заштитна опрема, од 30-ти април предвидени се казни и тоа: во висина од 20 евра во денарска противвредност за физичките лица, а за компаниите каде не се почитуваат мерките за носење заштитна опрема за вработените и посетителите, предвидена е казна од 2.000 евра во денарска противвредност.

Владата информира дека на сила е и забраната за групирање на повеќе од две лица на јавни површини, при што во група од двајца не се вбројуваат децата под 14 години на тие лица, но овој исклучок важи само за термините кога е дозволено движење на млади лица, надвор од полицискиот час.

Министерството за внатрешни работи интензивно врши контроли на почитување на уредбите и одлуките донесени од Владата и секое непочитување ќе биде санкционирано согласно законските норми.