Обувките оваа сезона се разновидни по изглед, но најактуелни за есен се сите нијанси на еспресо. Од каубојски чизми и современи мокасини до елегантни потпетици и патики инспирирани од ретро спортски модели, новата сезона носи спој од безвременска класика, впечатливи детали и удобност. Во преден план се топлите кафеави тонови, бордо акцентите и силуетите што им даваат карактер на секојдневните комбинации.

Есенската и зимската мода годинава инспирацијата ја наоѓа во топлината на омиленото кафе. Капучино, карамела и мока се издвојуваат како нијанси што доминираат кај обувките и аксесоарите, внесувајќи софистицираност и лесно комбинирање во гардеробата. Покрај нив, бордо додава доза драматичност, додека црната останува сигурен избор за љубителите на едноставен и елегантен стил.
Новата колекција на брендот Deichmann за сезоната есен/зима 2026/27 ги следи токму овие модни насоки, спојувајќи различни естетики и нудејќи модели што лесно се прилагодуваат на секојдневните обврски, деловните комбинации и вечерните излегувања.

Вестерн естетика во современо издание
Каубојските чизми повторно заземаат важно место во есенските комбинации. Препознатливите силуети, дискретните реси и деталите инспирирани од вестерн стилот внесуваат доза опуштеност, додека современите кроеви овозможуваат лесно да се вклопат во градскиот стил.
Посебно се издвојуваат моделите во кафеава, беж и црна боја, како и чизмите до глужд што го спојуваат класичниот изглед со модерни детали. Chelsea чизмите добиваат нови интерпретации, а одделни модели со постава од вештачко крзно носат дополнителна топлина за постудените денови.
За оние што сакаат посмели комбинации, тука се робусни чизми со масивни ѓонови и изразени блок-потпетици. Нивниот силен карактер особено доаѓа до израз во комбинација со женствени фустани, здолништа и капути со едноставни кроеви. Металик чанти, особено оние во сребрени тонови, дополнително го нагласуваат контрастот и ѝ даваат современ изглед на комбинацијата.
Мокасини и класика со ново лице
Мокасините остануваат еден од најпрактичните избори за сезона што ги спојува удобноста и елеганцијата. Инспирирани од college естетиката, овие чевли добиваат помодерни пропорции, платформи и впечатливи детали, па подеднакво добро се вклопуваат со деловни панталони, фармерки и здолништа.

Особено внимание привлекуваат издолжените модели чанти познати како „East West“, чија хоризонтална силуета внесува доза елеганција во секојдневниот изглед. Класичните чанти за на рамо исто така остануваат важен дел од гардеробата, особено во неутрални нијанси што лесно се комбинираат со остатокот од аутфитот.
Кога станува збор за поженствен стил, салонките, чизмите до колена и моделите над колена повторно доаѓаат во преден план. Тенките потпетици и издолжените форми ја нагласуваат елеганцијата, додека таканаречените „shark“ чизми носат впечатлива силуета за оние што сакаат нешто поразлично.
Машни, токи, тенки ремчиња и наборени детали дополнително ги збогатуваат класичните модели, правејќи ги интересен избор и за дневни и за вечерни пригоди.
Патики што го следат градскиот ритам
Удобноста останува еден од клучните приоритети, па спортската обувка и оваа сезона има важно место во секојдневните комбинации. Патиките инспирирани од моделите за трчање се издвојуваат со природни тонови, комбинации од различни материјали и дискретни металик детали.
Нивната предност е во лесното комбинирање: подеднакво добро изгледаат со фармерки и плетени парчиња, но и со поелегантни панталони и капути. Така спортскиот стил добива пософистицирана нота, без откажување од удобноста.
Личен печат можат да дадат и детали како приврзоци за чанти, кои едноставните аксесоари ги претвораат во интересен моден акцент.
Топлина, меки материјали и бохо детали
Со доаѓањето на постудените денови, во преден план доаѓаат поставените модели обувки, меките материјали и вештачкото крзно. Чизмите, мокасините и патиките со топла постава претставуваат практичен избор за зимски прошетки, додека капите, шаловите и ракавиците го заокружуваат изгледот и внесуваат дополнителна текстура во комбинациите.
Дури и Mary Jane балетанките добиваат потопла интерпретација, а ресите, монистрите и декоративните шевови внесуваат бохо призвук. Овие детали особено добро функционираат со плетени фустани, долги здолништа и парчиња во земјени тонови.
Една сезона, безброј можности за комбинирање
Најголемата предност на есенските и зимските трендови е нивната прилагодливост. Каубојските чизми можат да станат главен детаљ во едноставна комбинација, мокасините се сигурен избор за деловни обврски, додека патиките ги следат забрзаните градски денови. За вечерни пригоди, елегантните потпетици и впечатливите чанти внесуваат доза софистицираност.
Топлата палета на кафеави нијанси, заедно со бордо и црната, овозможува лесно комбинирање на различни парчиња, додека интересните детали оставаат простор за личен израз. Без разлика дали преферирате класика, спортски стил или посмели модни избори, претстојната сезона потсетува дека најдобрите аутфити се создаваат со спојување на удобноста, функционалноста и личниот стил.
Извор: Story.rs