Новиот, петти по ред, патнички воз за Македонски железници пристигна во Скопје


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Товарен во 3 шлепери, пристигна новиот патнички воз во Скопје. Ова е петти од шесте патнички гарнитури кои допатуваа од Кина. Станува збор за инвестиција од речиси 25 милиони евра.

Новиот воз е на дизел погон, купен од кинеската компанија ЦСР – наменет за Македонски железници Транспорт. Треба да сообраќа на линијата Скопје-Гевгелија-Скопје.

Раководството очекува да биде пуштен во редовен сообраќај за две недели, откако ќе бидат извршени сите потребни тестирања. Возот со специјални хидраулични кранови ќе биде спуштен на пругите.

Денеска пристигна петтиот електричен воз од новите шест возови, очекуваме да го ставиме во функција на релација Скопје Гевгелија, Гевгелија Скопје. Останатите четири возови сообраќајат на релациите Битола Прилеп Велес Скопје Куманово. Тоа значи дека со новиот воз и шестиот што ќе го добиеме на пролет ќе го покриеме и западниот дел од земјата, изјави директорот на МЖ Транспорт, Никола Костов.

Кинеската ЦСР треба да испорача уште еден воз на дизел погон во Македонија согласно договорот меѓу Министерството за транспорт и врски и компанијата ЦСР, со кој беа купени патничките возови, четири дизел и два со електромотор.

Со новите возови, ќе бидат покриени околу 60 проценти од линиите во патничкиот сообраќај, што значи поудобен и поквалитетен превоз на патниците.

Што се однесува пак, до цената на билетот, директорот вели дека нема да има поскапување и покрај обновата на возниот парк.

Патниците можат да бидат спокојни околу цената на билетите. Тие и 2017 година ќе останат како досегашните, така што можат и натаму да се возат во овие модерни и удобни возови, додаде Костов.

Костов додава дека и старите возови остануваат во функција и понатаму, а истовремено упати апел до патниците да ги чуваат и да не ги оштетуваат новите возови, зашто истите претставуваат стандард присутен во европските развиени земји.

Освен набавката на овие 6 патнички возови, во Македонски железници се набавени 150 товарни возови со вкупна инвестиција од 15 милиони евра.

Обновувањето на возниот парк е за поздравување, бидејќи патниците удобно ќе се возат, но неопходно е и подобрување на железничката инфраструктура, и зголемување на возниот ред согласно потребите на граѓаните.