Нови гранатирања во Киев утрово, експлозии се слушаат и во Одеса и Запорожје


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Денеска, 16. март, во раните утрински часови, на социјалните мрежи се појавија непотврдени информации за експлозии во јужните градови Одеса и Запорожје.

Оливер Керол, дописник на Економист, објави дека слушнал гласни звуци во Одеса, кои би можеле да бидат системи за противвоздушна одбрана што соборуваат проектили.

А во Запорожје, секретарот на градскиот совет, Анатолиј Куртев, на Телеграм напиша дека експлозијата ја погодила железничката станица. Засега нема детали за евентуални жртвите во овие области.

Денеска е 21 ден од почетокот на воената инвазија на Русија на Украина. Рано утрово во повеќе градови се огласиле сирени за воздушна опасност, додека во Киев е на сила 35-часовен полициски час, кој почна синоќа во 20 часот.

Но, според објави на социјалните мрежи, рано утринава се слушнале експлозии и во главниот град.

Градските служби за итни случаи сега велат дека 12-катна станбена зграда во областа Шевченко била погодена од руско гранатирање околу 6 часот наутро, а оштетена е и соседната деветкатна зграда, велат властите.

Две лица се повредени, а 35 се евакуирани од зградата. Пожарот бил изгаснат во 7.45 часот, а спасувачите сега трагаат по преживеани.

Видеата објавени претходно на социјалните мрежи покажаа големи облаци од чад како се шират во воздухот од зградите.

Жителите низ градот остануваат затрупани во бункери, подземни засолништа и нивните домови поради дводневен полициски час.

Официјалните лица предупредија дека тоа е „тежок и опасен“ момент за главниот град.

За денеска е најавено продолжување на преговорите меѓу двете страни.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во нова видеопорака ноќеска истакна дека нивните преговарачки позиции со Русија во конфликтот сега се многу пореални.

Но, сепак, додаде тој, ќе биде потребно време пред Украина да победи.

„Сите сакаме мир и победа што е можно поскоро“,

рече тој во пораката и додаде дека се „ потребни труд и трпение.
Секоја војна завршува со договор, заклучи Зеленски, додавајќи дека „состаноците ќе продолжат“.

Украинските и руските преговарачи претходните два дена имаа состаноци преку видео-конференциска врска.

Украина бара прекин на војната, повлекување на руските војници и безбедносни гаранции. Москва, меѓу другото, бара Киев да го признае анектираниот црноморски полуостров Крим како руски, а сепаратистичките области на истокот на Украина како независни држави.

Зеленски вети дека руската агресивна војна ќе заврши со срам, сиромаштија и долгогодишна изолација за Русија.