Викторија Бекам повторно е во центарот на вниманието, но овојпат не поради црвениот тепих или новата колекција, туку поради документарецот кој наскоро ќе биде достапен на Нетфликс.
Премиерата е закажана за 9 октомври, а само првиот кадар кој го сподели на Инстаграм предизвика лавина од коментари и воодушевување кај нејзините обожаватели ширум светот.
Филмот ветува дека ќе ја открие целата приказна од нејзиниот живот – од детските денови и нејзиниот метеорски подем со легендарните Спајс Грлс, па сè до моментот кога засекогаш ја напушти музичката сцена и зачекори во светот на висока мода, каде создаде респектабилна кариера како дизајнерка со сопствена модна империја.
Во описот на објавата, Викторија напиша дека документарецот не е само за славата, туку за ранливоста, падовите и подемите кои ја обликувале. Најави дека публиката ќе има можност да погледне зад завесата на нејзиниот бренд и да ги запознае луѓето без кои сето тоа не би било можно. Додаде и дека чувствува огромна благодарност до својот тим и до публиката, со ветување дека највозбудливите моменти допрва доаѓаат.
Нема сомнеж дека овој проект ќе привлече и носталгичари од деведесеттите, како и љубители на современата мода, бидејќи ретко кој успева да ја спои поп-културата со луксузниот стил на живот како што тоа го прави Викторија Бекам.