Најмалку 106 починати од коронавирусот до денес


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Бројот на починати лица од коронавирусот во Кина денеска се зголеми за 25, и достигна бројка од најмалку 106 жртви, а светските влади се подготвуваат да ги извлечат своите граѓани од затворениот град во центарот на епидемијата.

Во вкупниот број е вклучена и првата смрт во кинеската престолнина Пекинг и уште 24 смртни случаи во провинцијата Хубеи, каде што првпат се појави болеста од новооткриениот коронавирус во декември.

Азиските берзи втор ден паѓаат, поради загриженоста за глобалното економско влијание од вирусот.

САД, Јапонија, Франција, Монголија и други влади планираат да ги евакуираат своите дипломати и граѓани од Вухан.

Кина стави во карантин 17 града со над 50 милиони луѓе, во најдрастичните мерки за контрола на болест што некогаш биле воведени. Таа во неделата го продолжи лунарниот новогодишен празник за три дена за да се намали ризикот од инфекција, фирмите и фабриките се затворени во целата земја, а луѓето седат дома. Владата на Шангај, светски деловен центар и дом на 25 милиони луѓе, го продолжи празникот во тој град за дополнителна недела, до 9 февруари.

Здравствените власти во САД ја проширија својата препорака луѓето да избегнуваат непотребни патувања во кој било дел од Кина, а не само во Вухан и другите области што се најпогодени од епидемијата.

Монголија ја затвори својата огромна граница со Кина, а Северна Кореја соопшти дека ги зајакнува мерките за карантин. Хонг Конг и Малезија ги враќаат посетителите од Хубеи. На кинеските туристички агенции им било наредено да ги откажат групните тури на национално ниво.

Во понеделникот беа потврдени 1.771 нов случај во Кина, со што националниот број се искачи на 4.515, според Националната здравствена комисија. Според неа, 976 лица се во сериозна состојба.

Владата испрати 6.000 дополнителни медицински работници во Вухан од цела Кина, меѓу кои и 1.800 што треба да пристигнат денеска, изјави претставникот на комисијата, Џиао Јахуи, на прес-конференција.

Исто така, денеска Министерството за образование ги откажа тестовите по англиски јазик и другите тестови за студентите што се пријавуваат на странски универзитети. Министерството соопшти дека новиот семестар за јавните училишта и универзитетите по Лунарната нова година е одложен на неодредено време.

Кинеските финансиски пазари беа затворени за празникот, но индексите на акциите во Токио, Сеул и Сиднеј паднаа.

Авиокомпаниите, одморалиштата и другите компании што се занимаваат со патувања и туризам претрпеа големи загуби. Цените на златото и на обврзниците пораснаа додека трговците ги префрлаат парите на безбедно.

Научниците се загрижени поради новиот вирус, бидејќи тој е тесно поврзан со други болести, вклучително и САРС, од кој починаа скоро 800 луѓе.

Досега се чини дека новиот коронавирус не се шири толку лесно кај луѓето како САРС-от или грипот. Повеќето случаи што се прошириле меѓу луѓето биле меѓу членовите на семејството и здравствените работници што имале контакт со пациентите. Тоа сугерира дека новиот вирус не се приспособил да заразува луѓе.

Кина пријави осум случаи во Хонг Конг и пет во Макао, а повеќе од 45 случаи се потврдени на други места во светот. Речиси во сите се вмешани кинески туристи од копнениот дел или луѓе што го посетиле Вухан.

Германија синоќа го потврди својот прв случај. Министерот за здравство на Баварија рече дека за маж во градот Старнберг, 30 километри југозападно од Минхен, е потврдено дека е заразен од вирусот.

Пациентот е во „добра состојба“ и е изолиран под медицинско набљудување, се вели во соопштението на Министерството за здравство на Баварија. Не се откриени детали за возраста или националноста на пациентот.

„Луѓето што биле во контакт (со пациентот) се детално информирани за можните симптоми, хигиенски мерки и канали за пренесување“, соопшти Министерството за здравство и рече дека смета дека ризикот за општата популација во Баварија е „низок“.

Заразени има и во САД, Тајланд, Тајван, Јапонија, Јужна Кореја, Виетнам, Сингапур, Малезија, Непал, Франција, Канада, Австралија и Шри Ланка.

Вухан гради две болници, една со 1.500 кревети и друга со 1.000, за зголемениот број пациенти. Првата треба да биде завршена следната недела.

Семејството коронавирус ја содржи обичната настинка, но и потешки заболувања како што се САРС и МЕРС. Новиот вирус предизвикува симптоми на настинка, слични на грип, вклучувајќи кашлица и треска, а во потешки случаи, губење здив и пневмонија.

Се смета дека вирусот се проширил кај луѓето од диви животни што се продавале на пазарот во Вухан. Кина во неделата ја забрани трговијата со диви животни и ги повика луѓето да престанат да го јадат нивното месо.