
Некои од вас сакаат да вежбаат рано наутро, а други попладне или навечер. Но, независно од тоа кога вежбате, едно нешто е сигурно – после тренинг, кожата мора да добие соодветна нега.
Со самото вежбање доаѓа и потењето, што може да доведе до затнати пори, појава на акни или фоликулитис. Дополнително, триењето на кожата со тесната облека за вежбање може да предизвика иритации или дури и враснати влакна. Да не заборавиме и на бактериите кои се наоѓаат во салите за вежбање и лесно се пренесуваат на кожата, што дополнително ја зголемува можноста за воспаленија и појава на акни.
Затоа, клучно е да се направи брза, но ефикасна рутина за нега на кожата веднаш по завршување на тренингот. Ова се 4-те основни чекори кои ќе ѝ помогнат на вашата кожа да остане чиста, здрава и блескава:
1. Темелно чистење на лицето и телото
Првиот и најважен чекор е да ја измиете кожата веднаш по тренинг. Потта, себумот и нечистотиите лесно се собираат на кожата, па неопходно е да се отстранат со благ гел за миење, без агресивни состојки. Ако сте тренирале надвор или сте носеле шминка, изберете средство што длабински чисти порите.
2. Ексфолијација еднаш до двапати неделно
Иако не треба да се прави секој ден, пилингот еднаш или двапати во текот на неделата ќе помогне да се отстранат мртвите клетки и да се спречи појава на акни и валкани пори. Користете нежни ексфолијанти, особено по вежбање, кога кожата е посензитивна.
3. Хидратација
После миење, кожата мора да се навлажни за да го врати изгубениот баланс. Употребете лесна, некомедогена хидратантна крема или гел кој нема да ги затнува порите, но ќе обезбеди доволно влага.
4. Промена на облеката и туширање
Никогаш не останувајте долго во облеката во која сте вежбале – таа е полна со пот и бактерии. Туширајте се веднаш по тренинг, користете благо средство за тело кое нема да ја исуши кожата, и облечете чисти и дишливи материјали.