МРТ го објави финансискиот извештај за првиот квартал од 2022 година: Има 698 вработени лица, просечна плата е 36.026 денари


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Македонскиот јавен радиодифузен сервис МРТ го објави извештајот за финансиското работење во периодот од првите три месеци од 2022 година.

Како што е наведено, МРТ во првите три месеци остварила приходи во вкупен износ од 243.242.730 денари и расходи во износ од 254.392.365 денари, при што бил остварен негативен финансиски резултат во износ од 11.149.635 денари. За негативниот резултат, се вели дека произлегува исклучиво од неисплатените и скратени финансиски средства кои ЈРП МРТ ги добива од Буџетот на РСМ за финансирање на радиодифузна дејност, пренесува Фокус.

Според податоците, во МРТ се вработени 698 лица, што било за шест лица помалку од состојбата на крајот на 2021 година, а просечната плата изнесувала 36.026 денари.

Објавен е аналитички преглед на планираните и остварени трошоци од први јануари до 31-ви март годинава, а состојбата на денарски сметки на ЈРП МРТ на 31-ви март изнесувала 7.602.602 денари. На девизните сметки пак, состојбата на 31-ви март изнесувала околу 23.000 евра.

Во првото тромесечје биле потрошени 532.702 денари за патни и транспортни трошоци, односно биле реализирани 8,8 проценти од вкупно планираните средства со Годишниот финансиски план за 2022 година за таа намена.

Како патувања во странство на екипите на МРТ, ги спомнуваат снимањето на документарен филм за уметникот Киро Урдин во Брисел, известување од концертот на пијанистот Симон Трпчевски од Париз, активности во врска со Евровизија во Подгорица, Букурешт и Белград, средби со потенцијални партнери и продуценти во врска со снимање на серија за Тоше Проески, снимање на спортски репортажи, како и трошоци реализирани во врска со следење на активностите на државниот врв на Македонија.