Може ли тампон со менструална крв да помогне во дијагностицирање на ендометриоза или рак на матка?
Замислете вашата менструација – нешто што половина од светската популација го доживува секој месец – да стане клуч за рано откривање на болести.
Додека досега урината, венската крв и плунката беа главни извори за медицински анализи, научниците сè повеќе го насочуваат вниманието кон менструалната крв. Таа содржи клетки и молекули што рефлектираат здравствена состојба на матката и целиот репродуктивен систем.
Стартапи како НекстЏен Џејн и германската компанија Даблад работат на развој на методи за откривање на ендометриоза, следење на хормоналните промени, па дури и рана детекција на карцином, користејќи токму менструална крв. И што е најинтересно, не е сè резервирано само за лаборатории – во план се и домашни тестови кои ќе бидат едноставни, дискретни и потенцијално замена за досегашните инвазивни прегледи.
Ендометриозата – состојба која зафаќа повеќе од 10% од жените во репродуктивен период, а често се дијагностицира дури по повеќегодишни симптоми – би можела да биде една од првите болести кои ќе се откриваат навреме токму преку анализата на менструалната крв. Иницијативи како Проектот Роуз ја проучуваат живата клеточна структура на менструалната крв за да воочат аномалии и пред да се појават сериозни симптоми.
Во Швајцарија, на пример, научници развиле прототип што сменува боја во присуство на одредени протеини – потенцијални биомаркери за болести, вклучително и рак.
Менструалната крв, долго време занемаруван и често табуизиран биолошки материјал, можеби е токму следната голема иновација во медицината – помалку инвазивна, поконкретна и персонализирана како никогаш досега. Можеби еден ден, вашето месечно искуство ќе биде и најмоќниот сојузник за зачувување на здравјето.