
Дали мачките можат да гледаат духови?
Бидејќи имаат посупериорни сетила од луѓето, често сме склони да веруваме дека мачките чувствуваат (и гледаат) многу повеќе отколку што ние можеме.
Ова нѐ доведува до едно прашање што многумина со љубопитност си го поставуваат: дали мачките навистина можат да ги видат духовите? Ова не е само случајно поставено прашање – туку нешто што луѓето го размислуваат со векови. Според дефиницијата, натприродното претставува „постоење на сила што е надвор од научното разбирање или природните закони“, a токму ваквите сили често се спојуваат со приказните за мачките.
Древните Египќани не ги обожувале буквално, но сметале дека мачките се исполнети со боженствена енергија. Англиската народна мудрост говори дека црната мачка како свадбен подарок носи среќа, додека пак шкотскиот и ирскиот фолклор се преполни со песни за црни мачки што талкаат низ селата во потрага по души што би можеле да ги украдат.
Вистинското прашање е: дали вие верувате во духови?
Според истражувања, речиси 50% од луѓето веруваат во нив. Доколку сте меѓу нив, тогаш можеби и мислите дека вашата мачка е способна да ги види. Токму природните способности на мачките нѐ наведуваат да мислиме така. Тие имаат исклучителни сетила што им овозможуваат да фаќаат плен и да избегнат опасности. Мачките гледаат дури шест пати подобро од луѓето при слабо осветлување – како што е на разденување или при зајдисонце.
Една од причините зошто луѓето мислат дека мачките гледаат духови е тоа што реагираат на промени во светлината кои нашиот вид не ги регистрира. Таков е случајот, на пример, со флуоресцентното светло кое мачките го детектираат со леснотија, додека луѓето не забележуваат никаква разлика. Освен тоа, мачките имаат способност да гледаат и во ултравиолетовиот спектар на светлина – што значи дека без сомнение гледаат работи кои ние не можеме да ги видиме.
Дали сето ова значи дека гледаат духови?
Да бидеме искрени, овде се судираат анегдотите со емпириските докази. Многу сопственици на мачки тврдат дека нивните миленици можат да предвидат земјотреси или ерупции на вулкани. Сепак, експертите сметаат дека честопати се работи за погрешно толкување на чудно однесување од страна на сопствениците. Без директна комуникација со мачката, не можеме со сигурност да тврдиме дали реагира на некоја природна појава или едноставно на нешто сосема друго.
Сите знаеме колку знаат мачките да се однесуваат чудно: гледаат во таванот, следат нешто невидливо низ просторијата. Додека ние мислиме дека ја гледа како некој „дух“ се движи низ собата, таа најверојатно следи звук, мирис или некоја ситна бубачка што нашето око не може да ја фати. Сè додека не се појават поопипливи докази, одговорот е – не, мачките не гледаат духови.