2025 година во модата беше сè, само не тивка
Беше гласна, политички обоена, емоционална и визуелно неодолива. Дизајнерите се ротираа помеѓу модните куќи, црвените теписи станаа платформа за пораки, а границата помеѓу поп-културата, уметноста и луксузот речиси се избриша. Модата флертуваше со спектаклот, носталгијата и иднината, оставајќи зад себе моменти кои се паметат не по трендови, туку по влијанието.
Ова се сцените кои не само што ги наполнија насловните страници, туку се врежаа и во колективната меморија – клучните мигови на модната 2025 година.
„Хет трикот“ на Меланија
Појавувањето на Меланија Трамп на втората инаугурација на Доналд Трамп беше еден од најзабележителните модни моменти на годината. Шеширот со преобемен обод на Ерик Џавиц, кој ѝ го засени лицето, беше повеќе од моден детаљ – една тивка, но моќна порака на дистанца и контрола. Подоцна, при посетата на Велика Британија, таа го повтори истиот ефект со виолетов модел, потврдувајќи дека модата понекогаш зборува најјасно – без збор.
Версаче на црвениот тепих – сезона што траеше еден миг
Новата ера на брендот Версаче, под водство на Дарија Витали, беше краткотрајна но впечатлива. Џулија Робертс и Аманда Сајфрид се појавија во идентични комбинации – сако и фармерки – кои за неколку часа станаа вирални. Неколку месеци подоцна, Витали веќе беше минато, но тој моден миг остана запаметен.
Лабубу манија
Апсолутно неочекувано, фигуриците Лабубу станаа моден феномен. Од моден детаљ до статусен симбол – благодарение на Наоми Осака и Лиса од Блекпинк – овие мали фигури го освоија светот на ташните, ТикТок и поп-културата, за на крај да стигнат и до големото платно.
„Protect the Dolls“ – маичка како манифест
Дизајнерот Конер Ајвс од обична бела маичка создаде политички симбол. Пораката за поддршка на транс-заедницата се претвори во глобално движење – од Педро Паскал до Тилда Свинтон – сите ја носеа. Повторно, модата покажа дека е алат за промени.
Свадбената венчаница на Марго Роби и новото читање на класиците
Првите фотографии на Марго Роби во улога на Кети од „Орканските височини“ ја запалија интернет заедницата. Една венчаница отвори широка дебата – за тоа колку литературните ликови треба да бидат визуелно верни и како модата влијае на тоа како ги читаме старите приказни.
Лејди Гага на Коачела
Во 2025 година, Лејди Гага се врати на музичката и модна сцена со голем стил. Нејзиниот настап на фестивалот Коачела беше моден спектакл – футуристички, мрачен и театрален. Кога Гага зборува преку мода – светот слуша.
Мет Гала и „Superfine: Tailoring Black Style“
Темата на овогодинешната Мет Гала беше силна и суштинска – влијанието на црнечката естетика врз модата. Без доминантен вирален аутфит, но со силно присуство на порака – ова не беше тренд, туку темел.
Вог без Ана Винтур
По 37 години, Ана Винтур го напушти уредничкото место на американскиот Вог. На нејзино место дојде Клои Мал – симбол за нова дигитално свесна ера во модното новинарство. Промената беше тивка, но историска.
ГАП и виралната моќ на тексасот
Кампањата за ГАП тексас стана опсесија на ТикТок. Модата, музиката и танцот се споија во еден миг што покажа дека комерцијалните брендови сепак можат да ја диктираат поп-културата.
Збогум на Џорџо Армани
Смртта на Џорџо Армани заокружи една епоха. Неговото наследство не е само во линиите и кроевите, туку во начинот на кој ја дефинираше модерната елеганција.
Оригиналната Биркин ташна продадена за 10,1 милион долари
Ташната на Џејн Биркин стана историски артефакт. Модата официјално влезе во категоријата културно наследство.
Дебити што ја обликуваа иднината: Андерсон за Диор, Блази за Шанел
Џонатан Андерсон ѝ донесе на Диор смела, романтична модерност, додека Матје Блази во Шанел покажа како се оддава почит кон ДНК-то на брендот, а истовремено отвора ново поглавје. Модата доби нов ритам.
Миранда Присли се враќа
Мерил Стрип и Стенли Тучи во првите редови на модните ревии во Милано беа совршена спојка од модна митологија и современа сцена – и најава за продолжението на филмот „Ѓаволката носи Прада“.
Прада + Версаче: истoрискo спојување
Прада ја финализираше аквизицијата на брендот Версаче, создавајќи нов моден титан од Италија. Минимализмот и максимализмот од сега ќе живеат под ист кров.
Годината која ја испраќаме можеби не понуди лесни одговори, но дефинитивно донесе силни слики. Модата уште еднаш потврди: ова не е само облека – туку огледало на времето во кое живееме.