Мјанмарската војска изврши четири егзекуции на демократски активисти


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Четворица демократски активисти беа егзекутирани од страна на војската на Мјанмар, која лани изврши државен удар и ја презеде власта во земјата што тогаш предизвика масовни демонстрации кои беа задушени од војската и беа затворени продемократски демонстранти, активисти, новинари.

Станува збор за четворица мажи, меѓу кои и познатиот активист Ко Џими и поранешниот пратеник Фио Зеја Тау кои биле обвинети за „терористички акти“.

Тие претходно беа осудени зад затворени врати, а денеска членовите на нивните семејства се собраа пред затворот каде беа затворени очајни барајќи информации за нивните најблиски, јавува Би-би-си.

Мајката на еден од нив изјавила дека не ѝ било кажано кога точно ќе биде погубен нејзиниот син поради што не можела да ги направи подготовките за погреб.

„Кога се видовме на Зум минатиот петок, мојот син беше здрав и насмеан. Тој ме замоли да му испратам очила за читање, речник и малку пари за да ги користи во затворот. Јас ги донесов тие работи денеска. Не мислев дека ќе ги погубат. Не верував“, изјавила мајката, пренесува Би-би-си.

Државниот медиум „Глобал њуз лајт“ објави дека четворицата мажи биле егзекутирани бидејќи „давале директиви, договарале и извршувале заговори за брутални и нехумани терористички акти“. Медиумот кој е под контрола на власта, тврди дека активистите биле обвините според законите за борба против тероризмот, но не наведува кога и како тие биле егзекутирани.

Се верува дека егзекуциите се првите кои се извршени во Мјанмар во последните неколку децении. Според Обединетите нации, ова е прво извршување на смртни казни од 1988 година. Тогашните егзекуции биле извршувани со бесење.

Невладината организација за човекови права „Хјуман рајтс воч“ егзекуциите ги нарече крајно суров чин и побараа ЕУ, САД и другите држави да ѝ покажат на хунтата во Мјанмар дека ќе одговара за своите злосторства.