Министерот за здравство именуваше нови директори на местата од Софијанова и Васев


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Првиот човек на македонското здравство, министерот Беким Сали, за вршител на должност медицински директор на Универзитетска клиника за детски болести ја именува д-р Стојка Нацева-Фуштиќ, додека за нов в.д. медицински директор на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија ја именува д-р Виолета Клисаровска, информираат од Министерството за здравство.

Новоназначените директорки се именувани како вршители на должност до именување медицински директор, по распишување конкурс, но не подолго од шест месеци.

Назначувањето на нови директори на Детската клиника и Клиниката за онкологија следи откако вчера, по барање на министерот за здравство Беким Сали, до Министерството за здравство своите оставки ги поднеле директорката на Универзитетска клиника за детски болести, проф. д-р Аспазија Софијанова и директорот на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, д-р Никола Васев.

Министерот Сали минатата недела изјави дека ќе бидат преземени соодветни мерки, односно ќе ги разрешат или казнат директорите доколку под нивно влијание се формирале платите во клиниките.

Увидот во клиниките од страна на Фондот следуваше откако ТВ Клан објави дека директорката на Детска клиника, Аспазија Софијанова земала над 3 000 евра месечно од Клиниката.

Според новинарот на ТВ Клан, Фуркан Салуи, кој објави и документ на својот фејсбук-профил, а за кој тврди дека е доказ за месечните примања на Софијанова, голем дел од сумата бил надомест за дежурства за време на кои директорката на Детската клиника наводно не била на работа. Според информациите што ги изнесе новинарот, д-р Софијанова земала повеќе пари за дежурствата отколку што ѝ е основната плата.

Ваквите информации ги демантираше Софијанова.