Актуелно

Милошоски: Локални избори во јули, септември или октомври

Парламентарното мнозинство веднаш да створи услови за распишување на локалните избори и да го овозможи работењето на советите на општините и на градоначалниците во овој меѓу период, повика во петок Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние како партија сметаме дека граѓаните треба час поскоро да добијат можност да ја изберат новата локална власт и предлагаме локалните избори да се одржат во најбрзо можно време, согласно законски предвидените рокови, односно првиот термин кој сметаме дека е соодветен за одржување на брзи локални избори во интерес на граѓаните и општините би бил 2 јули. Според нас овој датум е најдобар за граѓаните и со одржување на брзи локални избори сите ќе може сериозно да се фатат за работа и да почнат да испорачуваат резултати на локално ниво“, рече Милошоски.

Според него, вториот термин кој што е прифатлив е средината на септември, односно одржување на локални избори на 17-ти или 24-ти септември.

„Доколку парламентарното мнозинство на СДС, ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците не е спремно за избори во средината на септември, тогаш третиот датум кој што сметаме дека е соодветен е локални избори на 15-ти октомври“, истакна Милошоски.

Тој уште додаде дека секој подалечен рок за одржување на локалните избори би создал поголеми негативни последици за општините и би нанесол поголема штета на интересите на граѓаните по однос на локалната самоуправа.

„Секој обид неразумно да се одолговлекуваат локалните избори и да се блокира мандатот на општините, а со тоа и да се загрозат интересите на граѓаните би се толкувал како обид за бегање од избори, односно бегање од соочување со народот. ВМРО-ДПМНЕ и нашата пратеничка група ќе го поддржи секој предлог за кој што ќе се одлучи парламентарното мнозинство. И се надеваме дека тоа ќе биде што поскори, брзи и ефикасни локални избори, за да може локалната самоуправа како уставно право на граѓаните да не трпи голема штета“, порача Милошоски.

Advertisements
To Top