Мастеркард и Виза веќе не функционираат во Русија – и други компании прекинаа со работа таму


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


„Мастеркард“ и „Виза“ ги прекинаа своите операции во Русија поради инвазијата на Украина, што е уште еден удар за финансискиот систем на земјата, кој веќе е погоден од строги санкции.

Двете компании ја објавија својата одлука во рок од 16 минути една по друга, набргу откако украинскиот претседател Зеленски разговараше со американските конгресмени.

Од почетокот на војната пред 11 дена, вредноста на руската рубља се намали за повеќе од една третина, што ја поттикна инфлацијата и ги зголеми редиците пред банкоматите.

Потегот на „Мастеркард“ и „Виза“ следува откако голем број други познати брендови и компании објавија дека се повлекуваат од рускиот пазар.

„Хајнекен“ соопшти дека ќе запре со испораките на пиво во Русија, „Зара“ ќе ги затвори сите 502 продавници на своите осум бренда, вклучувајќи ги „Бершка“, „Пул енд бер“ и „Страдивариус“, додека платежниот гигант „Пејпел“ објави дека ги укинува своите услуги.

„Самсунг“, најголемиот снабдувач на Русија со смартфони, кажа дека прекинува со испораките поради „геополитичкиот развој“. „Епл“, „ИКЕА“ и „Х&М“ исто така кажаа дека запираат со продажбите во Русија.

Кон бојкотот се придружија и француските луксузни брендови „Ермез“ и „Шанел“, а „ЛВМХ“, кој е сопственик на „Диор“, „Луј Витон“ и „Живанши“, кажа дека ќе ги затвори сите свои 124 бутици низ земјата.