Макрон во Москва на средба со Путин, Шолц кај Бајден во Белата куќа


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Денеска, на светската политичка сцена сите очи ќе бидат вперени во два града на различни краишта од светот – Москва и Вашингтон.

Во Москва францускиот претседател Емануел Макрон ќе оствари средба со рускиот претседател Владимир Путин, додека германскиот канцелар Олаф Шолц ќе го посети Џозеф Бајден во Белата куќа.

Причината за овие средби е иста – кризата на руско-украинската граница.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека верува оти може да донесе историско решение за украинската криза. Макрон во изминатите денови имаше вистинска дипломатска офанзива и веќе трипати телефонски разговараше со Путин, а зборуваше и со Бајден.

Пред патувањето во Москва, тој порача дека неговиот разговор со Путин веројатно ќе биде доволен за да се спречи воен конфликт, и покрај песимистичките проценки во многу западни земји.

Макрон рече дека целта на Русија не е Украина туку појаснување на правилата во врска со НАТО и ЕУ.

„Интензитетот на дијалогот кој го водевме со Русија и оваа посета на Москва се со цел да се спречи ескалација. Потоа ќе разговараме и за условите за деескалација. Мораме да бидеме многу реални. Нема да добиеме еднострани отстапки, но важно е да се спречи влошување на ситуацијата“, порача Макрон.

Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера отпатува во Вашингтон во напорите да ја убеди Белата куќа дека неговата земјата стои зад САД и другите партнери во НАТО во спротивставувањето на каква било руска агресија на Украина.

Инаку, ова е прва посета на Шолц во Вашингтон откако ја презеде функцијата канцелар.

Шолц денеска ќе се сретне со претседателот Бајден и со членовите на Конгресот за да разговара за стратегиите околу решавањето на руско-украинската криза.

Посетата на Шолц би можела да влијае на американско-германските односи и на статусот на Шолц во Германија.