Македонија и понатаму се врати во топлотен бран и температури до 40 степени – еве кои препораки да ги следите


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Македонија и во следниот период ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса, најавува УХМР.

Дневните температури во поголемиот дел од земјава ќе бидат над 35 степени целзиусови, а на некои место и над 40 степени поради што активно ќе биде портокалово ниво на опасност од високи температури. УВ-индексот исто така ќе биде со висока вредност – 10.

Конкретно за денеска, се очекува сончево и топло време, а на некои места да има мала локална облачност со слаб до умерен ветер. Утринската температура ќе биде од 16 до 23, а дневната од 33 до 40 степени.

Портокаловата фаза се очекува да трае следните 10-тина дена и тоа во сите делови од државата. Од тие причини Владата синоќа на седница ги продолжи препораките за намалување на ризиците од високи температури.

Листата препораки на Владата за периодот од денеска (17 јули) до 25 јули се:

Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, чии работни ангажмани не е можно да се спроведат преку онлајн работа. Односно, ослободување од физичко присуство на работното место на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, со организирање онлајн работата, таму каде техничко-технолошкиот процес го овозможува тоа;

Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот;

Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници;

Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

За истиот период, има и одлуки наместо препораки, а тие се:

Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките;
Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сè избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот;

Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници;

Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7 до 17 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11 часот.