Home Мода и убавина ЛВ бродот на соништата пристигна во Шангај – подготвени ли сте за луксузно патување?

ЛВ бродот на соништата пристигна во Шангај – подготвени ли сте за луксузно патување?

Во срцето на футуристичкиот Шангај, меѓу сјајните облакодери и неонскиот пулс на мегаградот, се одржа вистински моден спектакл – токму во стилот на Луј Витон.

На престижната авенија Вуџијанг, француската модна куќа го претстави својот досега најамбициозен проект – The Louis, импресивна архитектонска креација што изгледа истовремено како брод, уметничко дело и моден манифест. Фасадата на ова модерно здание ги маѓепсува минувачите со металните монограм мотиви и легендарните LV куфери кои изгледаат како да лебдат меѓу небото и земјата, подготвени секој момент да запловат во нова модна авантура. Целата структура изгледа како скулптура од иднината – елегантна, блескава и совршено инстаграмабилна.

Внатре, посетителите ги очекува вистинско патување низ времето, стилот, културата и историјата. Изложбата наречена Visionary Journeys, зад која стои познатиот архитект Шохеј Шигемацу од студиото OMA, ги води гостите низ два ката исполнети со магија, емоции и приказни кои го обликувале брендот Луј Витон.

Влезот во овој универзум на стилот започнува со премин низ Trunkscape – импресивен лак создаден од прочуеното Monogram платно, што наликува на сон каде се спојуваат архитектурата и гламурот. Од таму се отвораат страниците на модната историја – од првите работилници во Асниер од 1859 година, преку haute couture колекциите, парфемите, дизајнот и незаборавните патувања, сѐ до најсуптилните и лични креации на модната куќа.

Посетителите имаат можност да ги видат преработените класици од архивата на Луј Витон, но и да ѕирнат во фасцинантната приказна за уметноста на патувањето преку оригинални патенти, лични предмети на славни клиенти и ексклузивни, ретки творби. Посебен дел од изложбата е посветен на светот на парфемите – изложени се шишиња од гламурозните 1920-ти, кои совршено кореспондираат со современите мириси што ги потпишува Жак Кавалије Белтруд.

Но Луј Витон оди и подалеку – го истражува својот влијание во светот на книжевноста, спортот и глобалните културни настани. Модните парчиња и легендарната кожна галантерија блескаат благодарение на креативните визии на дизајнерите Марк Џејкобс, Вирџил Абло и актуелниот моден директор Фарел Вилијамс, чии колекции ја спојуваат традицијата со современоста, донесувајќи нова енергија и свежина.

За оние кои сакаат да ѕирнат зад кулисите, постои и ексклузивен сегмент посветен на занаетчиството, техниките и алатите што го гарантираат беспрекорниот квалитет на секој LV производ – вистински деликатес за модните инсајдери.

И секако, врвниот момент од доживувањето се открива на третиот кат, во луксузниот Le Café Louis Vuitton, каде вкусовите на Истокот и Западот се спојуваат под водство на прочуените готвачи Леонардо Замбрино и Зое Зо, создавајќи гастрономско патување низ светот.

The Louis не е само уште еден концепт на продавница на Луј Витон – тоа е вистински симбол за тоа како еден бренд со длабоки корени може да остане вечно млад, иновативен и модерен, без да го изгуби сопствениот карактер и автентичност. Во светот каде сѐ минува брзо и каде површноста често е во фокусот, Луј Витон нè потсетува дека вистинската мода и вистинските патувања бараат длабочина, имагинација и историја. А во Шангај, ова луксузно патување само што започна!

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Лесни течни пудри за лето – совршен спој на свежина и природен сјај

Летната шминка започнува со лесна течна пудра – онаа која не ја оптоварува кожата, а нуди …